Властите во Венецуела понудија 100.000 долари за информации за лидерот на опозицијата Гонзалес
Властите во Венецуела понудија награда од 100.000 долари за информација што ќе доведе до апсење на опозицискиот лидер Едмундо Гонзалес Урутија, кој тврди дека го победи претседателот Николас Мадуро на изборите, а по нив замина во егзил во Шпанија.
„Гардијан“ пренесува дека полицијата на социјалните мрежи објавила фотографија за до неодамна малку познатиот поранешен дипломат Гонзалес, на која има напишано „се трага“.
Гонзалес побегна во Шпанија во септември, откако Мадуро прогласи победа на изборите што се одржаа на 28 јули и започна остра акција против дисидентите.
Гонзалес (75) вети дека ќе се врати во својата земја погодена од кризата за да положи заклетва како претседател на 10 јануари на местото на Мадуро, денот кога тој треба да положи заклетва за нов мандат.
Судските власти соопштија дека плакатите со ликот на Гонзалес ќе бидат поставени на аеродромите и полициските контролни пунктови низ целата земја.
На 20 декември Шпанија му даде азил на Гонзалес откако Венецуела поднесе обвинение за заговор и рекет против него. Венецуела го прогласи Мадуро за победник на изборите во јули по што тој доби трет шестгодишен мандат на функцијата, иако опозицијата тврди дека има детални податоци од избирачките места кои покажуваат дека Гонзалес однел убедлива победа.
Владата го одби силниот притисок од дома и од странство да ги објави резултатите од гласањето што ќе го потврдат нивното тврдење за победа. По изборите, на улиците избија протести кои прераснаа во судири со полицијата, при што загинаа 28 лица, 200 беа повредени, а повеќе од 2.400 лица беа уапсени.
Тројца од уапсените починале во затвор, додека речиси 1.400 од првично уапсените биле ослободени.
Мадуро беше личен избор на починатиот социјалистички лидер Хуго Чавез да го наследи по неговата смрт во 2013 година. За време на Мадуро, земјата богата со нафта падна во економска кризпи тој е обвинет дека се однесува како тврдолевичарски диктатор кој ги задушува несогласувањата со опонентите за да ја одржува власта.
Само неколку земји, меѓу кои и сојузникот Русија, го признаа Мадуро за победник на изборите во јули. САД и Европскиот парламент го признаа Гонзалес како „новоизбран претседател“.