ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ постигнаа единство во надворешната политика

Ако досега имаше и дилеми за позициите на ВЛЕН, посебно за некакви рокови за уставни промени како услов за останување во владата, сега коалициските партнери навистина зборуваат со еден глас и во меѓународната политика. Единството е постигнато. Проблемот е во тоа што ова е единство околу лоша идеја. Лошата идеја е дека ние ќе го смениме правилата на прием во ЕУ и така, не само што ќе си помогнеме себеси, туку ќе сме и помогнале на ЕУ. Какво залудно губење време! Зборовите на вицепремиерот за евроинтеграции Орхан Муртезани се само ехо на кажаното изминативе месеци од претседателката, премиерот и министерот за надворешни работи. Имено, дека, со одбивањето да го спроведеме „францускиот предлог“, ние ја браниме ЕУ од билатерализација. Никако да разбереме дека ние сме надвор од „клубот“ и дека ова за што зборуваме не е ни наша работа. Вистина, се погласни се западните политичари кои сметаат дека правилата треба да се сменат, но тие никогаш на пропуштаат да не предупредат дека единствениот пат напред за Македонија е преку сегашните правила. Нашите политички претставници, пак, го акцентираат само првиот дел на кажаното, заборавајќи на вториот. Таквата делумно презентирана вест, само со делот кој ни одговара, станува пропаганда за кревање на нереалните надежи во јавноста за брза промена на правилата но и доказ за исправноста на новата македонска надворешна политика.

Никако да разбереме дека билатерализацијата на нашиот прием не е казна туку отстапка која ЕУ ја направи за Македонија. Дотогаш, имено, важеше правилото дека прво кандидатот треба да ги реши проблемите со земјата-членка за да може да се отворат преговори. Унијата беше раководена од желбата да не стоиме во место туку да ги отпочнеме преговорите заедно со Албанија. Така, заедно со процесот на преговори да тече и дијалогот за минатото на кој инсистира Бугарија, онака како што инисистираше Грција цели 25 години. Но, ветото од Грција не беше доволно да разбереме дека за државите и минатото е важно, уште помалку железниот закон на меѓународната политика дека сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки. Ако ги апсолвиравме овие две теми ќе ни станеше јасно дека, во однос на својата членка Бугарија, Унијата го издејствува максимумот во наша корист. Бугарија, го симна ветото, го изгласа „францускиот предлог“, а владата, со својот пад, ја плати цената. Гест од бугарската политика направен кон Франција кој оваа голема европска сила нема да го заборави, давајќи и за право, кога ќе дојде време и прашувајќи не нас што сторивме ние.

Бугарија, според правилата можеше да инсистира на ветото колку и Грција, но нејзините интереси покажуваа во насока на добри односи со Брисел и Вашингтон кои бараа од Софија да го одблокира преговарачкиот процес за Северна Македонија. Светската политика не е дебатен клуб за правни одредби, членови и параграфи, како што ја разбираат нашите политичари. Се работи за суверени ентитети раководени од своите интереси во една релативно анархична структрура, значи без централна власт да наметнува решенија.Во тој систем секоја држава треба внимателно да си го пресмета својот интерес. Тој факт треба да се разбере зашто само во контекст на интереситеможат да бидат успешни „дипломатските офанзиви“ на премиерот претседателката и министерот за надворешни на Македонија. Па толку ли се важни тие проклети интереси? Пресудни се. Одлучуваат за војна и за мир , дури. Кралот Џорџ V од Велика Британија, кралот Вилхелм II од Германија и кралот Николас II од Русија биле братучеди кои растеле заедно и играле како деца.Ниту еден од нив не ја посакувал Првата светска војна, а таа сепак се случила меѓу нивните држави. Значи, не се пресудни персоналните односи помеѓу политичарите. Тоа треба да го имаат предвид нашите политичари кога најавуваат важни разговори, како оние на премиерот во Брисел или овие што ќе се одржат за време на инаогурацијата на Трамп на 20 јануари. Патем речено, можно е и претседателот Трамп да го чека изненадување во обидот „еден на еден“ да ги реши големите светски проблеми како војната во Украина, на пример. Да се увери дека неговото бизнис искуство кое упатува на личните контакти со партнерите, не функционира најдобро во меѓународните односи. Имено, дека во таа опасна сфера на човековото живеење интересите се пресудни.

Денко Малески

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close