ВЛЕН: Се затвора едно од најзлоупотребуваните прашања -правичната застапеност
Коалицијата ВЛЕН соопшти дека се затвора едно од најдолготрајните и најзлоупотребувани политички прашања – правичната и соодветна застапеност. Како што наведуваат од ВЛЕН, новиот Закон за правична и соодветна застапеност претставува конкретен и мерлив правен механизам, со кој принципот што со години се користеше како политички слоган и алатка за манипулација конечно се претвора во обврзувачка законска норма.

Според ВЛЕН, за првпат правичната застапеност нема да зависи од дневна политичка волја, партиски договори или изборни калкулации, туку ќе биде уредена со јасен, задолжителен и надгледлив закон. Со тоа, како што истакнуваат, се затвора клучната алка во спроведувањето на уставниот принцип на еднаквост.
Како клучен аргумент, од коалицијата посочуваат дека за истиот закон е добиено и позитивно мислење од Венецијанската комисија, која важи за највисок европски авторитет во областа на уставното и правното право. Според ВЛЕН, ова целосно ја демантира долгогодишната реторика на ДУИ, која, иако зборувала за застапеност, никогаш не презела конкретен чекор таа да се уреди со закон.
„ВЛЕН го направи она што другите само го ветуваа. Денес правичната и соодветна застапеност се претвора во правен механизам што обезбедува реална еднаквост, транспарентност и правда за сите граѓани, без разлика на припадност и без партиски посредници“, наведуваат од коалицијата.
Законот се очекува наскоро да влезе во собраниска процедура, а од ВЛЕН упатија повик до сите пратеници, без исклучок, да постапат одговорно и во интерес на јавноста.
„Ова не е партиски закон, туку закон на еднаквоста, правдата и европската иднина на државата“, порачуваат од ВЛЕН.
Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи на социјалните мрежи реагираше по објавата дека Предлог-законот за фер и соодветна застапеност добил позитивно мислење од Венецијанската комисија. Тој вели дека предметниот предлог-закон не може да го замени механизмот „Балансер“ оти има неколку недостатоци.
„Зошто новиот закон за „фер и соодветна застапеност“ е слаб и не може да биде замена за „Балансерот“, бидејќи повеќе не е задолжителен, туку ориентирачки. Бидејќи не дејствува автоматски, туку зависи од волјата на администрацијата. Бидејќи не го блокира донесувањето одлуки кога е нарушена застапеноста, туку само го евидентира. Бидејќи не дејствува ex ante туку ex post. Бидејќи не создава директни правни последици за непочитување. Бидејќи ја поместува еднаквоста од закон во јавна политика. Бидејќи дозволува толкување, одложување и релативизација. Бидејќи не гарантира вистинска застапеност, туку управување со застапеноста. Балансерот функционираше затоа што не оставаше простор за импровизација. Овој закон остава само простор. А, кога законот создава простор, нееднаквоста секогаш го експлоатира. Не треба да помине!“, напиша Османи.






