ВЛЕН за ДУИ: Османи има сомнителни тендери, семејството Ахмети гради централи, Џафери има непријавен имот
„ДУИ не успева да си стои на зборот ниту кога е во опозиција“, велат од ВЛЕН
Демократската унија за интеграција нема никакви резултати и по пет месеци од декларацијата за внатрепартиски ветинг, обвинува нивниот директен политички опонент – коалицијата ВЛЕН. Едноставно се повлекоа, тврдат оттаму.
Според владејачката коалиција, ДУИ го избегнува ветингот затоа што целото раководство тогаш би требало да оди во политичка пензија. Причините за таа пензија се презентирани во форма на список, за четири функционери на ДУИ.
Бујар Османи имаше предмет на СЈО против него, за криминал, за набавки, за кражба од здравството. Предметот мистериозно исчезна!? СЈО тврдеше дека министерот Бујар Османи имал криминални набавки додека бил бил одговорен за здравството. Бујар Османи имаше коруптивни скандали со јавни набавки од фирми блиски до него за време на целиот негов мандат во МНР? Но уште поважно, Бујар Османи стана главен фактор за соработка и зближување помеѓу Северна Македонија и Србија со оддржани многу јавни и многу тајни средби и со поддржани многу билатерални и мултилатерални иницијативи за интегрирање на двете држави.
Семејството на Али Ахмети е „стебло“ на фирми што вртат милиони преку државни тендери! Се градат централи, се купуваат трговски центри, инвестиции, се тргува со бензин и мазут? Скоро и да нема член на семејството на Ахмети кој не стана бизнисмен и кој не се поврза со сомнителни фирми од Македонија и Косово.
Блерим Беџети – „вечниот функционер“ кој му доделуваше пари на најблиските преку скопските комунални претпријатија. Блерим Беџети важи за најблизок извршител на договорите на Сашо Мијалков и Артан Груби во судството!
Муса Џафери како „сива еминенција“ со непријавен имот во Горно Нерези, кого ДУИ цинично го промовира во својот „ветинг“. Функционер од скоро 30 години кој ќе оди низ државата и ќе зборува дека треба ново време и нови луѓе. Човек кому бизнисот за препродажба на струја му е позначаен од кој било Албанец и неговите потреби.
Па, според ВЛЕН, декларацијата на ДУИ за борба против корупција им служела само за дневен маркетинг.
ДУИ не успева да си стои на зборот ниту кога е во опозиција.велат од ВЛЕН.
Од владејачката партија додаваат:
Бараме независна, јавна ревизија на имотот и тендерите на сите функционери на ДУИ, целосна одговорност за секој коруптивен случај, почнувајќи од именуваните лица и вклучување на меѓународни антикорупциски експерти за надзор на процесот. Бараме прочистување на политичката сцена на Албанците од луѓе со сомнително минато и стратешки грешни политики. Ако ДУИ тоа сама не го направи, на овие избори ќе го направат гласачите.
Од соопштението не е јасно до кого е упатено барањето за ревизија. ВЛЕН е на власт во Македонија повеќе од една година.