Влезот во ЕУ, но и заштитата на идентитетските обележја се од стратегиски интерес за државата, порачал Мицкоски на средбата со О’Брајан

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска остварил средба со помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Дејвид О’Брајан, кој е во посета на Скопје поради учеството на дводневниот Министерски совет на ОБСЕ.

На средбата, како што соопштија од партијата, Мицкоски посочил дека членството на земјава во Европската Унија е нејзин стратегиски интерес, но од интерес, исто така, е и заштита на националните и идентитетски обележја.

„Соговорниците ги потврдија добрите односи и потребата за ползување на придобивките од стратегиското партнерство на САД со Македонија“,се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу другото, Мицкоски ја афирмирал потребата за сериозна борба против корупцијата и криминалот и неопходноста од системски реформи кои ќе го подобрат стандардот на државата.

Освен американскиот дипломат и лидерот на опозицијата, на средбата биле присутни и амбасадорката Анџела Агелер и потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски.

На средбата, како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, биле отворени повеќе прашања од регионално значење како и идните политики во однос на тие теми.

Back to top button
Close