Вметнувањето на спорот со Бугарија во ЕУ-рамка ќе го „затруе“ процесот на преговори

Малку е веројатно дека ќе се откочи почетокот на преговорите – една отстапка повлекува и друга, се посочува во реакцијата

Прифаќањето на патоказ за остварување на Договорот за соработка со Бугарија во преговарачката рамка со ЕУ би значело директно прифаќање на бугарското барање, имплементацијата на овој Договор да биде суштествен дел од преговорите за пристапување кон Унијата, реагира Институтот за европска политика – Скопје.

Во документот насловен „За можните последици на можните нови компромиси со Бугарија“, од овој Институт наведуваат дека прифаќањето на ваквото барање би отворило и дополнителни прашања за начинот на кој ЕУ би го следела спроведувањето на Договорот, со оглед на тоа дека ова прашање не е во надлежност на Европската комисија. Во каков и да е формат, Бугарија како држава членка на ЕУ, наведуваат, ќе биде во повластена позиција да влијае врз оценките и да го наметнува сопственото толкување на Договорот.

„Вметнувањето на спорот во ЕУ-рамка, каква и да е таа, ќе го ’затруе‘ целиот процес. Пристапувањето, според новата методологија, е и онака далеку посложено од досега и поставува нови предизвици. Не само што ќе биде затруен процесот на пристапување во ЕУ туку и на долг рок – целиот јавен дискурс во нашата држава, како и политичките процеси, а неопходните реформи за подобрување на животот на граѓан(к)ите ќе бидат истиснати во втор план – предупредуваат од Институтот за европска политика.

Дури и самиот назив на еден таков документ – патоказ, анализираат оттаму, јасно ја покажува намерата Бугарија да го стави тоа на исто ниво со патокзите кои се дел од новата методологија, односно на ниво на владеењето на правото, демократските институции и реформа на администрацијата. Бугарските барања кои се наведени во нивните досегашни документи и сами по себе претставуваат патоказ по нивна мерка.

Во таква замка, предупредуваат, не треба да се влезе.

Што се однесува до македонската страна, од Институтот потенцираат дека не е јасно од кои мотиви таа би понудила уште еден документ како аргумент со кој Бугарија понатаму ќе врши едностран и постојан притисок во процесот на пристапување, како што тоа го прави сега со Договорот за пријателство и соработка.

„Доколку Бугарија има вистинска волја да се отпочнат преговорите со нашата земја, би го активирала последниот став од нејзината рамковна позиција од октомври 2019 година според кој ’при неможност да се постигне консензус за започнување на преговорите со двете држави, Бугарија ќе се сообрази со консензуалното решение на Советот‘ – потсетуваат од Институтот.

Малку е веројатно дека ќе се откочи почетокот на преговорите – една отстапка повлекува и друга

Од Институтот за европска политика нагласуваат дека сакаат да веруваат оти постои „спасувачка формула“ со која ќе останат нечепнати македонските црвени линии (јазикот и идентитетот), а ќе се откочи почетокот на преговори. Меѓутоа, нагласуваат, тоа изгледа малку веројатно ако се има предвид дека бугарската страна досега не само што не покажа флексибилност, туку и постојано ги зголемуваше и заоструваше нејзините барања што е видливо и од Објаснувачкиот меморандум и од изјавите на официјалните бугарски претставници.

Барањата од Објаснувачкиот меморандум кој Бугарија го испрати до останатите членки, констатираат, се проширија. Во тој документ, потсетуваат, дрско и директно се негира постоењето на македонската нација и јазик и се бара прифаќање на бугарското толкување на македонската историја и откажување од македонското малцинство.

Исто така, во реакцијата од Институтот се осврнуваат и на тоа дека барањата на источниот сосед се поврзани едно со друго.

„Во сегашнава ситуација нејасно е за која цена ние би го добиле само чекорот усвојување на преговарачка рамка и евентуално нејзино претставување на прва меѓувладина конференција, односно кои барања поставени од бугарска страна се под македонската црвената линија. Ова е особено значајно, затоа што сите барања се поврзани, така што согласноста со едно барање дава легитимитет на другите барања“,

велат од Институтот, според кој евидентно е дека и сите отстапки што би ги направила македонската страна се поврзани и секоја отстапка може да им даде легитимитет на барањата и да води кон натамошна нова отстапка.

Прифаќањето на барањата кои се надвор од вредностите на ЕУ, предупредуваат, може да има далекусежни последици врз основите меѓу државите во регионот, како и врз процесот на проширување воопшто.

„Покрај тоа, со таков пристап би ги изневериле сите оние што нè поддржуваа – од регионот, ЕУ и пошироко – велат оттаму.

Никој не кажува колку би траеле преговорите

Уште еден аспект што го нагласува Институтот за европска политика за нашето пристапување кон ЕУ е тоа што не се знае колку би траел процесот на преговори.

За разлика од претходните проширувања, нагласуваат, никој од страна на ЕУ не дал ниту декларативна изјава за временската перспектива. Напротив, се нагласува дека процесот е со отворен крај и никој не ја ветува динамиката, а повеќе од јасно е, според Институтот, дека новата методологија го забавува процесот.

„Првата меѓувладина конференција не значи отворање поглавја односно кластери. Досега практика беше поглавја да се отвораат на втората меѓувладина конференција, но според новата методологија, прв се отвора кластерот Темели и во меѓувреме не можат да се отворат други поглавја. Бугарија има специфични барања и за првата и за втората меѓувладина конференција, но и за натамошниот тек на преговорите – велат од Институтот.

Тие го нагласуваат и искуството на Црна Гора и Србија. Меѓу првата меѓувладина конференција и отворањето на поглавјата 23 и 24, во случајот со Црна Гора, поминала една и пол година, а за Србија две и пол.

„Ако се земе просекот од Србија и Црна Гора – значи дека до отворањето кластер би поминале две години. Сепак, поверојатно е процесот да биде побавен зашто новата методологија најавува поригорозна условеност за отворањето на кластерите – сметаат од Институтот.

Оттаму додаваат и дека не се остварија и надежите дека со новата методологија ќе се дадат повеќе пари за државите кандидатки, па дури и пристап до структурните фондови.

„Висината на средствата останува иста, со таа разлика што нема однапред распределени средства по држави, така што можат да бидат и помалку и повеќе од досега, но небитно различни во износот – потенцираат од Институтот.

Во реакцијата на крај се порачува и дека не смее да се дозволи да се чека некој друг да ни го осмисли животот, верувајќи дека пристапните преговори сами по себе ќе нè направат демократска и просперитетна земја.

„Напротив, мораме сами да создадеме остварување на сопствената визија за развој следејќи ги најдобрите европски примери и практики – укажуваат од Институтот.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close