ВМРО-ДПМНЕ: Јакимовски знае дека следува ревизија затоа плаче. Лукровски ќе го препороди Карпош
Стевчо Јакимовски знае дека следи ревизија на неговата криминална работа и дека ќе излезат на виделина сите криминали кои ги правел, затоа плаче, наместо да честита – велат од ВМРО-ДПМНЕ откако досегашниот градоначалник на Карпош ја обвини владејачката партија дека ги украла изборите во скопската општина.

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Јакимовски е причината што Карпош прераснал во бетонска џунгла во која интересот на граѓаните бил ставен на последно место.
„Јакимовски говори за некакви изборни нерегуларности во кои само тој верува. Свесен е за злоупотребите кои ги има направено во Карпош и во страв дека сите работи ќе излезат на виделина, Стевчо плаче. Алиби-мајсторот Стевчо се плаши од ревизија во општината и затоа му порачуваме овие неколку дена што му останаа да не потпишува никакви документи, бидејќи добивме информации дека презема очајнички слугувања кон мафијашите што ги штити“,велат од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека новиот градоначалник Сотир Лукровски ќе го препороди Карпош.
Претходно денеска Стевчо Јакимовски ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за кражба на локалните избори во Општина Карпош. Рече дека на сите изборни циклуси на кои досега учествувал не уценил или поткупил ниеден глас, како што на овие избори, според него, направила ВМРО-ДПМНЕ.






