ВМРО-ДПМНЕ: Aко Бугарија продолжи со своите хегемонистички барања да се поништи договорот Заев-Борисов
ВМРО-ДПМНЕ бара премиерот Зоран Заев да престане да преговара со Бугарија, ако тамошните политичари продолжат со хегемонистичките барања. Според партијата подобро е да се поништи договорот за добрососедство и да се преговара за нов.
-Зоран Заев, Никола Димитров и СДСМ се лично одговорни за оспорувањата кои доаѓаат од бугарските политичари, тие прифатија една земја да го оспорува македонскиот идентитет, да наметнува омраза и таа да кажува што ќе стои во македонските учебници.Функционерите на СДСМ не изустија ни збор после навредите дека македонскиот јазик е бугарски, дека Гоце Делчев е бугарин, дека не постојат Македонци, ниту македонски идентитет пред 1944 година, затоа што знаат точно што договарал Заев во Софија – велат од опозициската партија.
ВМРО- ДПМНЕ бара да се обзнани јавно што содржи нон пејперот на Валдо Бучковски.
-Македонската јавност сѐ уште не дозна што стоеше во нон пејперот кој му го даде Бучковски на Борисов како гаранција или потврда на она што тие го негираат. СДСМ сѐ уште бега во законодавниот дом и на најнедемократски начин не сака ни да дискутира јавно за проблемите со источниот сосед, а најмалку е заинтересирана пред своите граѓани да објасни зошто не ги штити националните интереси.
ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да преговара за идентитетските прашања, но ако Бугарија продолжи со своите барања ќе бараме напуштање на договорот кој го потпиша Заев, како и склучување на нов договор – велат оттаму.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ако и други европски држави се со мислење како Бугарија, тогаш тие не споделуваат со нас исти европски вредности, затоа треба да се почекаат други европски гарнитури за да се реши прашањето.
-Бугарските политичари наведуваат дека Бугарија не била сама во овој процес на блокирање на Македонија, па доколку тоа навистина е така, ако некои европски бирократи продолжуваат да стојат на страна и покрај хегемонистичките и „големо-државни“ идеи на оваа земја членка и не ги почитуваат заложбите на македонскиот народ кон Европската унија, ќе заклучиме дека не споделуваме исти вредности, како и тоа дека до европеизацијата треба да дојдеме сами и да чекаме други гарнитури политичари со кои нашите национални и државни интереси ќе бидат на иста линија – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, додаваат оттаму, верува дека Европската унија има наднационални, но и културни вредности кои обединуваат во различностите на народите, каде политиката на почитување и прифаќање на различните е доблест, а асимилацијата и негирањето на нациите, како и омраза од страна на земја членка кон земја кандидат за членство не е европска вредност.
-Прашање на време е само кога Заев ќе направи нов дебакл затоа што карактерна навика му е да дејствува антидржавно и спротивно на националните интереси. ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните нема дозволат власта повторно да се тезгари со идентитетот, јазикот и нема да дозволи никој да ја брише или преименува историјата – додаваат од ВМРО-ДПМНЕ..