ВМРО-ДПМНЕ бара да се одложи прогресивното оданочување за уште една година

 Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата  најави дека ќе предложи закон со кој ќе побара да се одложи примената на прогресивниот данок на личен доход за уште една година.

-ВМРО – ДПМНЕ е против воведување на прогресивно оданочување и смета дека треба да се задржи моменталниот концепт на рамен данок, а идната Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ ќе го намали до ниво од осум проценти. Сметаме дека е неопходно одложување за уште една година на прогресивното оданочување поради неподготвеност на институциите, но пред се поради тоа што граѓаните треба преку парламентарни избори да одлучат дали се за повисоки давачки и зголемено прикривање даноци т.е. даночна евазија или се за постепено намалување на давачки и рационализација на јавните трошења, изјави денеска пратеничката Стаменкоска Трајкоска.

Таа информира дека со Предлог-законот што ќе го достават нема да се зголеми за 50 проценти данокот по основ на личен доход од кирии, капитални добивки, права на индустриска сопственост, ниту пак ќе се применува прогресивна стапка за 80 проценти поголема од основната за доходот по основ на работа, самостојна дејност, авторски и сродни права и продажба на сопствени земјоделски производи.

-Една од најголемите придобивки од овој Предлог-закон е превенирање од иселување на вработените во ИТ секторот кои во најголема мера се млади луѓе, рече Стаменкоска Трајкоска.

Таа посочи дека прогресивното оданочување го најави и воведе министерот Драган Тевдовски кој, како што рече, ќе остане запаметен по честите компарации на Македонија со Данска и како човек кој направи грешки во даночната политика поради кои беше разрешен. Пред три години, дополни таа, токму во ноември до Собранието беше доставен Предлог-закон од Нина Ангеловска, тогашната нова министерка за финансии, која ја призна грешката на својот претходник и за тоа претстави анализи на јавноста кои ја покажуваат штетата од воведената даночна реформа.

Стаменкоска Трајкоска истакна дека власта не го исполнила ветувањето дека во периодот на мирување од три години на пригресивното оданочување ќе подготви нов модел.

-Периодот на мирување на прогресивното оданочување кој го бараше Владата на ДУИ и СДСМ беше три години, а во тој период ветија дека ќе изработат и нов модел кој ќе ги исправи грешките од реформата од 2018 година т.е. ќе обезбеди ефективно и ефикасно оданочување, а паралелно ќе работат на зголемување на даночниот морал кај граѓаните, зајакнување на довербата во институциите, зајакнување на механизмите за елиминирање на сивата економија и да се намали даночната евазија. Ништо од ветувањата не е реализирано, а да биде уште пофрапантно, министерот за финансии Фатмир Бесими иако презентираше Буџет за 2023 година, се’уште не знае каква даночна реформа не очекува за помалку од 2 месеци од денес, рече Стаменкоска Трајкоска.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close