ВМРО-ДПМНЕ бара од МВР 24 часа да ги обезбедува училиштата поради дојавите за бомби

„Го повикувам МВР да си ја работи работата и да ги обезбеди училиштата 24 часа и неспособноста да не ја затскрива со изјавата дека сме во хибридна војна. Го повикувам и МОН под итно да изнајде начин да се надокнади пропуштеното додека сè уште има барем малку време“, рече денеска на прес-конференција претседателката на комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повика Министерството за внатрешни работи (МВР) деноноќно да ги обезбедува училиштата како мерка за справување со сè поинтензивираните дојави за бомби. Воедно, партијата упати повик и до Министерството за образование и наука (МОН) веднаш да изнајде начин да се надоместат изгубените часови поради дојавите.

„Го повикувам МВР да си ја работи работата и да ги обезбеди училиштата 24 часа и неспособноста да не ја затскрива со изјавата дека сме во хибридна војна. Го повикувам и МОН под итно да изнајде начин да се надокнади пропуштеното додека сè уште има барем малку време“рече денеска на прес-конференција претседателката на комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска.

Таа во своето обраќање се осврна на проблемите со наставата од далечина што МОН ја препорача во случај на дојава за бомба, наведувајќи дека наставата не функционира и посочи дека родители преку социјалните мрежи се организираат да протестираат.

„Наставата е во комплетен прекин. Дојавите за бомби достигнаа бројка од 45 училишта. Родителите на основците револтирани од неспособноста на Владата, секојдневно ги напуштаат работните места за да си ги приберат децата и да ги остават сами дома за да продолжат со онлајн настава. Онлајн настава нема, „Тимсот“ паднал. Оној „Тимс“ кој требаше да го користат децата уште во корона-кризата, имало проблеми со лиценцата. Толку од дигитализацијата. Родителите на социјалните мрежи се организираат да протестираат под мотото “Доста со експерименти со нашите деца. МВР молчи, МОН молчи“рече Јаневска.

Според неа, образованието во земјава четири години е во колапс, а штетата што е предизвикана е трајна и ненадоместлива. За ова Јаневска ја обвини Владата, која, како што рече, се однесува незаинтересирано.

„Децата ја плаќаат цената на неспособноста на Владата. Овие деца еден ден ќе треба да ја носат на свој грб државата, нашата татковина. Но, очигледно Владата тоа не ја интересира. Таа со денови се реконструира“вели претседателката на комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.

Најдоброто решение за сите овие проблеми, порача Јаневска на крајот, е веднаш да се распишат избори и да се смени власта.„Затоа што во државата настава нема, ама и леб нема“подвлече таа.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска во изјава за медиумите рече дека ќе бидат разгледани нови мерки и во делот на безбедноста и во делот на проблемите во училиштата поради дојавите за бомби.

Во врска со вчерашниот проблем со апликацијата за онлајн настава „Тимс“, министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска во изјава за медиумите појасни дека апликацијата не функционирала кај оние училишта каде што првпат имало закана за поставена бомба. За училиштата кои почесто добиваат закани, пред сè, средните, тој рече дека учениците немале проблем да се најават на апликацијата.

Дојави за поставени експлозивни направи има и денеска, а според досегашните информации вакви закани се пријавени во 30 училишта во Скопје.

Вчера, пак, беа евидентирани рекордни 120 дојави за бомби во скопски училишта, кои по направените антитерористички проверки беше утврдено дека се лажни.

Back to top button
Close