ВМРО-ДПМНЕ бара од Обвинителството да истражи зошто биле исплатени 4,6 милиони евра во провизии за железничкиот коридор

Државата платила 4,6 милиони евра провизии за неповлечени средства додека проектот за железничкиот Коридор 8 со години стои незавршен, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи се на наодите од Државниот завод за ревизија (ДЗР). Според владејачката партија, ревизорите утврдиле крајно неефикасно управување со стратешките инфраструктурни проекти за време на мандатот на СДСМ и ДУИ бидејќи првата и втората фаза од железницата воопшто не се завршени, а роковите се целосно пробиени, со што наместо модерна инфраструктура, граѓаните добиле само милионски трошоци и нови државни долгови.
„ДЗР констатирал неефикасно управување, a дополнително предупредил и ризик од губење на 61 милион евра европски грант за третата фаза на железничкиот Коридор 8. Кој е одговорен за овие пропусти? Кој дозволил државата да плаќа милиони евра провизии? И кој ќе одговара ако со нечие постапување или непостапување е нанесена штета на државниот буџет?“, прашуваат од владејачката партија.
Токму поради ваквите наоди, од ВМРО-ДПМНЕ побараа од Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага и да постапи по констатациите на ДЗР, велејќи оти е потребно детално да се испитаат сите донесени одлуки, потпишани договори и спроведени постапки, со цел да се лоцираат одговорните лица и да се утврди дали постои основа за кривична одговорност.
„СДС и ДУИ не можат да се кријат и да молчат додека граѓаните ја плаќаат сметката за нивното катастрофално владеење во минатото. 4,6 милиони евра провизии, години доцнење незавршена железница и ризик за европски средства. Тоа е наследството од СДС и ДУИ“, заклучуваат оттаму.






