ВМРО-ДПМНЕ бара оставки од членовите на Судскиот совет

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска побара членовите на Судскиот совет да поднесат оставки, ден откако Управниот суд пресуди дека Советот незаконски ја разрешил поранешната претседателка Весна Дамева.

– Срамот и хаосот во македонскиот таканаречен правен систем, препознаени и надвор од Македонија, не застанува. Случајот со Весна Дамева и одлуката на Управниот суд покажува само дека, ако во Судскиот совет се разрешува претседател, ако се работи незаконски и се носат одлуки спротивно на пишаните норми, што останува за обичниот граѓанин кој бара правда пред било која истанца на македонското судство. Разрешувањето на Дамева, претходната оставка заради нагласена политички- бизнис притисоци врз Црвенковска, изборот на претседател на Советот по Дамева, и сега одлуката на Управниот суд, во очите на домашната и меѓународна јавност се опишуваат со македонската „Од шупливо- во празно“. Да имаат грам достоинство, членовите на судскиот совет веднаш би требало да си поднесат оставка – рече партискиот портпарол Наум Стоилковски.

Ова нема крај, додаде тој, препознаени се истите игри и врз Врховниот суд, закани за разрешувања, коишто носат дополнителен немир и несигурност кај граѓаните, но и аларм кај меѓународната јавност.

– Никогаш не било полошо. Хаосот во судството е резултат на владеењето на ДУИ и СДС, резултат на политички одлуки и пишување на закони во партиски штабови по мерка на криминалот. За оваа ситуација директно одговори се СДС, ДУИ, Ковачевски и Пендаровски. Тие и нивните пратеници ги бираа главните актери во оваа сапунска серија, за што постои и признание од страна на Пендаровски. Додека СДС и ДУИ се на власт, Македонија нема да има независен правосуден систем – рече Стоилковски.

Back to top button
Close