ВМРО-ДПМНЕ бара разрешување на поротник во „Талир“, Кривичен вели дека Судскиот совет треба да одлучи

Од Основниот кривичен суд велат дека, откако е констатирано дека поротникот наполнил 60 години, веднаш го известиле Судскиот совет и сè додека тој евентуално не биде разрешен ќе си ја извршува функцијата. Оттаму потсетуваат дека и во минатото имало вакви случаи во голем број судски постапки, па на поротниците кои наполниле 60 години им се дозволувало да го истераат четиригодишниот мандат

На судија поротник, кој наполнил 60 години, а е дел од судечкиот совет во случајот „Талир“, каде што е замрзнат имот на ВМРО-ДПМНЕ, треба да му се констатира престанок на мандатот.

Ова е едно од барањата со кои вчера партискиот лидер Христијан Мицкоски, а денеска и портпаролот Димче Арсовски настапија во јавноста, но и во судницата во Основниот кривичен суд во Скопје побараа судијата поротник Митко Сандев да не биде повеќе дел од судечкиот совет.

„Денеска во 10 часот требаше да почне рочиштето, каде што ВМРО-ДПМНЕ е меѓу обвинетите. Она што го кажав во судницата е барањето за престанок на мандатот на судијата поротник, господинот Митко Сандев, од две причини. Прво, со одлуката на Уставниот суд 162/2006-0 од 2007 година се предвидува на секој судија поротник кој има навршено 60 години да му престане мандатот на дејствување во постапките. Втората работа е изземање на овој судија поротник. Причината веќе е јасна, а тоа дека господинот Митко Сандев е член на тело на политичка партија, што доведува до тоа дека тој може да дејствува со одредена пристрасност“,

изјави Арсовски денеска пред судот кој посочи дека станува збор за политичка партија која е во коалиција со власта.

Арсовски во изјава за медиумите го прозва и претседател на судот, Иван Џолев, дека не поднел иницијатива за престанок на мандатот на портникот и го нарече „главен извршител на Зоран Заев“.

Back to top button
Close