ВМРО-ДПМНЕ: Човек близок до Груби „лапна“ хотел на Попова Шапка по цена на гарсониера

„Како е можно сите зделки што се поврзуваат со луѓе околу Груби да се склучуваат и 20 или 30 пати под цена?“, прашува опозициската партија

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ продолжи со прозивките на првиот вицепремиер Артан Груби од ДУИ, денеска обвинувајќи го дека негов близок „лапнал“ хотел на Попова Шапка по цена на гарсониера.

„Пред власта да склучи договор со една градежна фирма за продолжување на работата на автопатот Скопје – Блаце, таа го продава хотелот во нејзина сопственост на Попова Шапка од 278 квадратни метри на фирма блиска до Груби. Цената по која фирмата блиска до Груби го купува хотелот е само 55 000 евра, кога ќе се пресмета цената за која е купен квадратен метар, се добива сума од 200 евра. Како е можно сите зделки кои се поврзуваат со луѓе околу Груби да се склучуваат и 20 или 30 пати под цена?“прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Прозивките од опозициската партија следуваат откако неделникот „Фокус“ објави за оваа зделка. Весникот наведе дека станува збор за опожарениот хотел на „Гранит“, кој бил продаден на фирма со еден вработен што последните години работи со загуба – „Еуро ком лигхтинг“, во сопственост на македонски и турски државјанин, која е основана од актуелниот претседател на ФК „Шкупи“, своевремено ангажиран во Царинската управа.

Back to top button
Close