ВМРО-ДПМНЕ до Собранието ја поднесе иницијативата за собирање граѓански потписи и отпочнување на референдумот

ВМРО-ДПМНЕ денеска и официјално до Собранието ја поднесе иницијативата за собирање потписи и отпочнување на референдумот инициран од опозициската партија, според кој, граѓаните би се изјасниле „за“ или „против“ Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу С Македонија и Бугарија.

За ова информира координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски кој кажа дека како што беше и најавено, денеска иницијативата за отпочнување на референдумот е официјално поднесена до Парламентот.

„Се надевам дека претседателот на Собранието нема да користи некои негови познати методи и дека уредноста на иницијативата ќе биде утврдена и истата ќе почне со процедура во Собрание онака како што налага и Деловникот за работа и како што налага и Законот за референдум и други видови на граѓанско изјаснување“ посочи Мицевски.

Одговарајќи на новинарско прашање кои би биле следните чекори доколку иницијативата не го помине собранискиот филтер, односно биде прогласена за неуредна од страна на собранискиот спикер Талат Џафери, Мицевски кажа дека тогаш би се надевале на свеста на пратениците од владејачкото мнозинство, оти, како што кажа, не сите пратеници од мнозинството го поддржале францускиот предлог.

„Ајде да дозволиме да помине затоа што навистина внимававме и со самото прашање и внимававме на кој начин ќе биде правно формално напишана и доставена до собранието. Доколку не го помине првиот филтер се надевам на свеста на пратениците од владејачкото мнозинство затоа што гледаме дека не сите пратеници од владејачкото мнозинство гласаа и за францускиот предлог“ додаде тој.

Координаторот на пратеничката група на опозициската партија додаде дека се надева оти ќе има уште национално освстени пратеници кои што ќе дадат поддршка на иницијативата, затоа што, додаде Мицевски, доколку оваа иницијатива е неуредна поминува на пленарна седница на која што треба да се изјаснат пратениците за уредноста или неуредноста на истата.

Back to top button
Close