ВМРО-ДПМНЕ доби 32 градоначалника во првиот круг, ВРЕДИ има пет, НАИ четири, а СДСМ три
Во првиот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалнички места во 32 општини, коалицијата ВРЕДИ во пет, НАИ во четири, а СДСМ во три. Втор круг ќе има во 33 општини, додека во три ќе се повтори гласањето поради недоволен цензус.
Избрани градоначалници во прв круг од ВМРО-ДПМНЕ се Петар Ружински (Берово), Тони Коњановски (Битола), Ристо Манчев (Босилово), Дарко Костовски (Бутел), Славе Андонов (Василево), Спасе Кочовски (Вевчани), Марко Колев (Велес), Бобан Стефковски (Гази Баба), Андон Сарамандов (Гевгелија), Александар Стојкоски (Ѓорче Петров), Киро Нацков (Градско), Иван Гоцевски (Делчево), Никола Најдовски (Демир Хисар), Коста Маневски (Зелениково), Александар Георгиевски (Илинден), Димитар Костадиноски (Јегуновце), Митко Јанчев (Кавадарци), Виктор Паунов (Карбинци), Бети Стаменкоска Трајкоска (Кисела Вода), Тодорче Николовски (Кратово), Стевче Ставановски (Новаци), Ѓорѓе Божинов (Ново Село), Кирил Пецаков (Охрид), Борче Митевски (Петровец), Александар Китански (Пехчево), Дејан Проданоски (Прилеп), Љупче Почивалец (Радовиш), Јован Тозиевски (Ресен), Дејан Владев (Свети Николе), Јане Мицевски (Сопиште), Петар Јанков (Струмица) и Иван Јорданов (Штип).
Од ВРЕДИ во прв круг беа избрани Даут Беќири (Арачиново), Блјерим Сејдиу (Желино), Мухамет Елмази (Сарај), Даут Мемиши (Теарце) и Изет Меџити (Чаир).
НАИ освои четири градоначалнички места и тоа Валбон Лимани (Гостивар), Еркан Арифи (Липково), Алија Јаоски (Пласница) и Суат Шаќиров (Чашка), додека СДСМ освои три: Блаже Шапов (Богданци), Сашко Митовски (Крива Паланка) и Игор Каравилоски (Кривогаштани).
Во вториот круг од локалните избори 2025, граѓаните во 33 општини ќе избираат меѓу двајца кандидати кои добија најмногу гласови во првиот круг.
Во Град Скопје, во вториот круг ќе се соочат Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица. Во Аеродром, граѓаните ќе избираат меѓу Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ и Александар Трајановски од СДСМ. Во Брвеница ќе се натпреваруваат Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Хаќим Рамадани од ВРЕДИ, а во Валандово ќе гласаат за Ѓоко Камчев од ВМРО-ДПМНЕ или Перо Костадинов од СДСМ. Во Виница, изборот е меѓу Митко Костадиновски од ВМРО-ДПМНЕ и Гоце Милевски од СДСМ.
Во Дебарца, во вториот круг ќе се натпреваруваат Златко Силјановски од ВМРО-ДПМНЕ и Зоран Ногачески од група избирачи. Демир Капија ќе избира меѓу Наталија Димитриева од ВМРО-ДПМНЕ и Лазар Петров од СДСМ, а во Дојран ќе се соочат Илија Тентов од ВМРО-ДПМНЕ и Ристо Џинев од СДСМ. Во Зрновци, кандидатите се Борчо Коцев од ВМРО-ДПМНЕ и Панчо Митев од СДСМ. Во Карпош, вториот круг ќе го одредат Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ и Стевчо Јакимовски од коалицијата „Искуство за успех“.
Во Кичево, граѓаните ќе избираат меѓу Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ и Фатмир Дехари од НАИ. Во Конче, ќе се соочат Златко Ристов од ВМРО-ДПМНЕ и Благој Илиев од СДСМ, а во Кочани – Влатко Грозданов од ВМРО-ДПМНЕ и Венко Крстевски од група избирачи. Македонска Каменица ќе избира меѓу Димчо Атанасовски од ВМРО-ДПМНЕ и Соња Стаменкова од СДСМ, додека во Македонски Брод ќе се натпреваруваат Жарко Ристески од ВМРО-ДПМНЕ и Милосим Војнески од група избирачи.
Во Могила, вториот круг ќе го одредат Драганчо Саботковски од ВМРО-ДПМНЕ и Сашо Пивковски од група избирачи. Во Неготино, ќе се соочат Марија Нацева од ВМРО-ДПМНЕ и Петар Мантев од СДСМ, а во Пробиштип – Тони Тоневски од ВМРО-ДПМНЕ и Драган Анастасов од СДСМ. Во Ранковце, изборот е меѓу Даниел Павловски од ВМРО-ДПМНЕ и Даниел Крстевски од СДСМ, додека во Чешиново-Облешево ќе гласаат за Јорданчо Костадинов од ВМРО-ДПМНЕ или Горанчо Крстев од СДСМ.
Во Боговиње, вториот круг ќе го одредат Фети Абази од ВРЕДИ и Бесник Емши од НАИ. Во Дебар, ќе се соочат Фисник Мела од ВРЕДИ и Рамадан Имери од група избирачи. Во Долнени, изборот е меѓу Блерим Ислјами од ВРЕДИ и Сашко Велјаноски од ВМРО-ДПМНЕ. Во Тетово, ќе гласаат за Билјал Касами од ВРЕДИ или Бајрам Реџепи од НАИ.
Во Крушево, кандидатите се Томе Христоски од СДСМ и Нико Чонески од ВМРО-ДПМНЕ. Во Лозово, ќе се натпреваруваат Ацо Велковски од СДСМ и Бошко Цветковски од ВМРО-ДПМНЕ, а во Росоман – Стојан Николов од СДСМ и Ѓорѓи Крстевски од ВМРО-ДПМНЕ. Во Центар, вториот круг ќе го одредат Горан Герасимовски од СДСМ и Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, додека во Чучер Сандево ќе се соочат Сашко Комненовиќ од СДСМ и Јован Пејковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во Струга, изборот е меѓу Менди Ќура од група избирачи и Арсим Далипи од НАИ. Во Шуто Оризари, ќе гласаат за Курто Дудуш од Унија на Роми или Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ. Во Куманово, вториот круг ќе го одредат Максим Димитриевски од ЗНАМ и Горан Стојковски од група избирачи, а во Студеничани – Азем Садики од група избирачи и Ејуп Абази од НАИ.
Повторување на прв круг поради недоволен цензус ќе има во Маврово и Ростуше каде што ќе се соочат Онер Јакупоски (ВМРО-ДПМНЕ) и Анес Ахмети (СДСМ), потоа во Врапчиште каде за градоначалничко место се борат Исен Шабани (НАИ) и Мехмет Сефери (ВЛЕН) и во Центар Жупа каде е неизвесно помеѓу Аријан Ибраим (ДПТМ) и Инает Баки (Партија за движење на Турците во Македонија).
Во општина Старо Нагоричане, кандидатот Мирослав Славковски од ВМРО ДПМНЕ освои точно 50 проценти од преброени 99.83 отсто од гласовите и засега е неизвесно дали ќе биде избран во првиот или ќе оди во втор круг со втторпласираниот Далибор Трајковски од СДСМ кој има 23,95 проценти.
Вториот круг од изборите ќе биде одржан на 2 ноември.