ВМРО-ДПМНЕ една од најбогатите партии во Европа го надградила имотот


ВМРО-ДПМНЕ е една од најбогатите партии во Европа според квадратурата која ја поседува како политичка партија. Има 93 имотни листа за партиски седишта низ Македонија во кои имотни листови се впишани 33.238 метри квадратни објекти, земјоделско земјиште и пасишта. Според пазарната вредност, вкупниот имот се проценува на околу 60 милиони евра, додека само новото седиште на партијата во центарот на Скопје вреди околу 40 милиони евра.

После ВМРО-ДПМНЕ најголем имот во Европа поседува Партијата на Центарот во Шведска, чиј имот се цени на околу 53 милиони евра.

Партијата СДУ на Ангела Меркел во Германија поседува имот од 50 милиони евра, Лабуристичката партија во Велика Британија има недвижности во вредност од 9 милиони фунти, додека конзервативната 11 милиони.

Вртоглавиот раст на имотот на ВМРО-ДПМНЕ започнува во 2006-та година, кога и станува носител на власта на чело со Никола Груевски.

„Поранешниот сојуз на комунисти на Македонија, како единствена партија која имаше 168.000 членови на кои со исплатата на плата им се задржуваше членарина, да му се собере се, со пропис одредено, па веројатно немаше 60 милиони, простории и имот”, вели Петар Гошев, поранешен лидер на ЛДП.

ВМРО-ДПМНЕ, е сопственик на 102 имоти низ целата држава, меѓу кои и шуми и пасишта, но и атрактивни згради во центарот на Скопје објави „Инфомакс“ повикувајќи се на документи од Агенцијата за катастар на недвижности. Ова е за девет имоти повеќе отколку во 2016 година, кога истражување на „Скуп“ покажа дека партијата има 93 имотни листови на свое име, за имотите распоредени на атрактивни локации ширум Македонија.

На списокот недвижности во посед на ВМРО-ДПМНЕ може да се најдат згради, делови од згради, куќи, деловни објекти, дуќани, пасишта, шуми и ливади. На овој список голем дел од објектите се наоѓаат и во централното градско подрачје во Скопје, на атрактивни локации како плоштадот „Македонија“, улицата „Македонија“ и слично. Најголема квадратура има седиштето на партијата, „Белата палата“ на девет ката, чија вредност е проценета на десетина милиони евра.

Втората македонска партија според имотот што го поседува, Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), има 13 имоти низ државата. Потоа следува ДУИ, која располага со шест недвижности, а Левица е сопственик на три имоти, пишува „Инфомакс“.

Back to top button
Close