ВМРО-ДПМНЕ: Филипче во новото раководство на СДСМ има само верни слуги на Заев
Венко Филипче уште еднаш покажа дека не може сам да стои на свои нозе во политиката и избра кадри кои се продолжена рака на Зоран Заев, се вели во писмената реакција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ по синоќешниот Централен одбор на нивниот политички опонент на кој СДСМ избра генерален секретар, потпретседатели и двајца организациски секретари.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека свежина и промени не се ни на повидок, а наводните промени не се ништо друго освен продолжување на политиката на Заев.
„По изборот на Централниот одбор во кој има само поранешни функционери на СДС од времето на Заев, како и заменик претседателката Фани Каранфилова-Пановска која се бореше со сите сили да го устоличи Заев за премиер и со изборот на потпретседателите, како и генералниот секретар, така и двајцата организациски секретари докажа дека нема ништо ново освен стари излитени кадри. Потпретседателите се само продолжена рака на Заев кои во негово време беа стоти ешалон сега му ги нуди на Филипче за во прв. Поранешната министерка за животна средина е потрчко на Заев. Ана Чупеска-Станишева, професорка на Правниот факултет во Скопје ‘Јустинијан Први’ е позната во јавноста по налудничавата идеја стотина македонски новинари да завршат в затвор. Кристина Костова која како печат од своето делување ја има само Шарената револуција“се вели во соопштението на владејачката партија.
Синоќа, на состанок на Централниот одбор, СДСМ го избра новото раководство на партијата. За генерален секретар на партијата е избран Александар Димитријевиќ, кој доаѓа од Општинската организација на СДСМ од Гази Баба.
За потпретседатели на партијата Централниот одбор ги избра поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, Менде Илиевски – член на Советот на општина Битола, професорката од Правниот факултет во Скопје, Ана Чупеска и Кристина Костова – член на Централниот одбор на СДСМ.
За организациски секретари избрани се поранешниот пратеник од Куманово, Мартин Костовски и Љупчо Фармаковски од општинската организација на партијата во Центар.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по состанокот изјави дека тој поминал во одлична атмосфера со многу енергија и ентузијазам кај новите членови.
„Избравме луѓе кои имаат нови сили, личен интегритет, многу знаење, искуство во своите области на делување коишто верувам дека со сета сила и знаење ќе се вложат во периодот којшто следи“,изјави синоќа Филипче.
Претходно, во неделата, СДСМ го одржа 30. Конгрес, на кој Фани Каранфилова-Пановска беше избрана за заменик-претседателка на партијата.
На Конгресот беа избрани и нови членови на Централниот и на Надзорниот одбор, а нивната селекција, како што истакна Филипче во неделата, се одвивала во изминатите пет месеци.