ВМРО-ДПМНЕ ги почна подготовките за изборите, Сајкоски ќе раководи со изборниот штаб
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, ќе раководи со републичкиот штаб на партијата на годинашниве локални избори.
Одлуката е донесена на денешната седница на Извршниот комитет (ИК), а претстојните избори ќе бидат прв посериозен тест за Сајкоски, откако минатата година беше именуван за генерален секретар.
Според заклучокот од денешната седница на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, „државата тоне во секој поглед, институциите се крахирани со изгубена доверба, а пандемијата ги коси граѓаните поради неспособноста на власта“. Од партијата најавуваат поддршка за настан на 25 април за кој велат дека не е во нивна организација.
„Владее непочитување на правото и заштита на криминалот од страна на власта, додека, пак, наместо криминалците, во затворите гнијат неправедно затворени граѓани. Извршниот комитет донесе заклучок да го поддржи настанот најавен на 25 април, кој не е во наша организација, а по повод неправедно затворените уставобранители со драконски казни. Овој настан треба да помине во демократски и мирен чин. Воедно и потенцираме дека се оградуваме од секакви инциденти доколку произлезат од уфрлени провокатори на истиот настан – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозицијата, како никогаш досега на државата ѝ е потребна експертска влада, која, како што е заклучено на седницата на ИК, ќе ја избави државата од кризата во која ја втурнаа СДСМ и власта.
-Во најбрз можен рок бараме одговорност од власта за аферата ‘Мафија’, но и за целиот овој криминал за кој сме сведоци периодов, додека пак оставките се неизбежни, а кривичната одговорност треба да биде испорачана – се наведува, меѓу другото, во соопштението од седницата на ИК.