ВМРО-ДПМНЕ ги прозива институциите за унапредување на македонскиот јазик да го искараат Заев

Комисијата за култура на опозициската партија реагира зошто Људмил Спасов, Драги Ѓоргиев, Анета Дучевска… не му се спротиставиле на премиерот во врска со шпекулациите во медиуми во Софија за „конкретниот предлог“што тој му го дал на бугарскиот колега Јанев

Комисијата за култура во рамки на опозициската ВМРО-ДПМНе ги прозива денеска првите луѓе на неколку институции од областа на изучувањето и заштитата на македонскиот јазик и на историјата , затоа што не му се спротиставиле на премиерот Зоран Заев во врска со шпекулациите што ги објавија медиуми во Софија за „конкретниот предлог“ што тој му го дал на бугарскиот колега Стефан Јанев, на средбата во четвртокот.

Како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од МАНУ, за која се посочува дека излегува со перманентни реакции и заложбиза зачувување на македонските национални интереси и за вразумување и одвраќање од намерата за големопродажбата на сè македонско, македонската јавност не слушна никаква реакција по повод најновата „понуда за македонскиот јазик“, претставена во Софија, но не и во Македонија.

„Каде е претседателот на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов, наследникот на Блаже Конески на предметот историја на македонскиот јазик, да му каже на Зоран Заев и неговото избрано друштво дека македонскиот јазик и бугарскиот јазик не се исти јазици? Каде е директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујоска, да му каже на својот шеф дека со постапката што ја прави го обесмислува и самото постоење на Институтот за македонски јазик во основните постулати врз кои е формиран? Каде е деканката на Филолошкиот факултет ‘Блаже Конески’, Анета Дучевска, и самата изнедрена од Катедрата за македонски јазик, чиј основач е Блаже Конески, да му каже на премиерот дека со ваквиот поданички однос спрема Бугарија го доведува во прашање опстанокот на Катедрата која, главно произведува наставници по македонски јазик“, се дел од прашањата што ги поставува Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ, во денешното соопштение.

Од опозициската партија го прозиваат и директорот на Институтот за национална историја, Драги Ѓоргиев, кој е копретседавач на историската комисија со Бугарија, посочувајќи дека тој треба  да му каже на својот сограѓанин Заев  „дека историјата не е вреќа пиперки за продажба по пазарите“.

„Каде е директорката на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, Весна Мојсова-Чепишевска,  да му каже на Зоран Заев дека со неговиот предлог ги отвора ширум вратите на бугарските лингвисти кои со децении систематски работат на уништувањето  на едвај преживеаните  5-6 лекторати по македонски јазик во светот, како и на одвраќање на туѓите слависти од изучување на македонскиот јазик. За министерките за култура и за образование и наука, Ирена Стефоска и Мила Царовска  не  прашуваме!  Знаеме дека немаат што да ви кажат, зашто толку знаат што е држава и што се национални интереси. Тие, заедно со Зоран Заев, работат на разнебитувањето на сè македонско“, се наведува во соопштението на Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.

Back to top button
Close