ВМРО ДПМНЕ го демантира Касами за трампа на ресори. Таравари не прозборел за ЕУ ама можеби се интересираше за катната гаража на Ѓока и за Артан Груби

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе одржи редовна седница на Извршниот комитет на партијата на која, меѓу другото, ќе се разговара и за излегувањето на министерот за здравство Арбен Таравари и неговото крило на Алијанса за Албанците од Владата и преминувањето во опозиција.

За ова, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во седиштето на партијата, информира Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Освен што соопшти дека вечерва ќе заседава Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Манасиевски во името на партијата демантира дека досега било разговарано за каква било размена на министерства или ресори во Владата или за тоа кој би дошол на местото на Таравари и би го преземал Министерството за здравство.

„Што се однесува до самиот Таравари, сакаме да го истакнеме следново – од оние активни учесници во Владата може да се дознае дека господинот Арбен Таравари навистина бил активен учесник на овие состаноци. Но, на тие состаноци, Таравари никогаш не разговарал за Законот за јазици, за законско регулирање на ‘балансерот’. Не зборувал ниту некогаш некој го слушнал да зборува за евроинтеграциите дека се блокирани поради наследениот спор со Бугарија, создаден токму од оние во чии прегратки тој сега оди. Но, знаеме дека се интересирал за концесионерот на паркинзи на Клинички центар Ѓока, затоа што е исфрлен од игра. Живо се интересирал за господинот Артан Груби, за господинот Зоран Заев и за нивните бизниси, и важни прашања за ДУИ“,рече Манасиевски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Во оваа смисла, тој порача дека не може некој да биде дел од Владата, а притоа да биде со СДСМ и ДУИ.

Back to top button
Close