ВМРО-ДПМНЕ го обвини Богдановиќ дека седел во кафеана, тој вели дека сместувал гости во хотел и најавува тужба
Богдановиќ, пак, ги демантира овие информации и вели дека сместувал гости во хотел, кои биле дојдени од Белград.
„Ова вчера беше брутално газење на законите од најверниот слуга на Заев, Богдановиќ. Саша Богдановиќ, доколку имаше малку кредибилитет, оставка требаше да дадеш уште вчера, но и сега не е доцна. Додека ти вчера кршеше полициски час и кафеана работеше само за тебе триесетина луѓе починаа од ковид-19. Заради нереагирањето на институциите и обидот да се релативизира овој скандал, и да нема одговорност како што би имало кога се работи за секој еден друг граѓанин, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Саша Богдановиќ за кршење на протоколите и законите – вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
Тој додаде дека се работи за кафеана во центарот на градот.
Богдановиќ, пак, побара извинување за овие наводи на опозицијата, а во спротивно најавува тужби.
„Целосно ги отфрлам и ги демантирам информациите дека во текот на изминатиот ден сум седел во кафеани за време на полициски час и сум прекршувал закони. Во текот на вчерашниот ден сместував гости во хотел дојдени од Белград и кошаркарот на КК Работнички, кој е најновото засилување во нашиот клуб. За сето сместување и престој поседувам документација и сведоци. За да се расчисти целиот случај и да се докаже вистината, сите аргументи ги доставив до сите надлежни органи. Воедно, барам извинување за напишаните текстови во рок од 24 часа и објава на мојата реакција. Во случај да не се случи тоа, ќе покренам граѓански спор – вели Богдановиќ.