ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска си ја префрлаат вината за тоа кој ги блокирал одлуките за „Комунална хигиена“
Кризата со отпадот во Скопје денеска повторно е причина за политички пресметки меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и актуелната градоначалничка Данела Арсовска. Обвинувањата се околу тоа кој изминатите месеци ја блокирал работата на „Комунална хигиена“.
Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека нивните советници гласале за сите одлуки предложени од Арсовска, а кои се однесуваат на тековното работење на „Комунална хигиена“.
„Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата одговорно тврди дека сите одлуки предложени од страна на Арсовска до Советот поврзани со ‘Комунална хигиена’ се прифатени и гласани од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ“,
се наведува во соопштението.
Партијата ја отфрли тезата на Арсовска дека проблемот е намерно создаден од ВМРО-ДПМНЕ како површна, неточна и нелогична.
„Зошто ВМРО-ДПМНЕ во сред изборна кампања би го ставило Скопје во ѓубре, ако се знае дека товарот и негативата ќе оди на сметка на ВМРО-ДПМНЕ?“, е прашањето што од партијата го упатија до Арсовска.
Тие ја повикаа Арсовска да одговори и зошто не се собира ѓубрето и што се прави со парите што граѓаните уредно ги плаќаат.
Од партијата упатила апел да се испита и кривичната одговорност на надлежните за хаосот, обвинувајќи ја „тајната коалиција која ја поддржуваше Арсовска и ја раководеше четири години“ за намерата да наштети на партијата.
Градоначалничката Данела Арсовска одговарајќи на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, ги обвини дека со нивното однесување ја докажуваат својата вина.
Арсовска, испраќајќи фотографии од нејзини изјави објавени во некои медиуми, тврди дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ја блокирале работата на претпријатието.
„Еве 5 минути требаше да најдам над 10 седници на Совет каде вашите советници не ги гласаа програмите на ‘Комунална хигиена’“,
вели Арсовска обраќајќи му се директно на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според Арсовска, советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН на повеќе од десет седници не ги гласале програмите за работа на ЈП „Комунална хигиена“ и други јавни претпријатија, со што директно биле блокирани клучните услуги за чистење и одржување на градот.
И додека скопските градоначалници самостојно се организираат за да го соберат ѓубрето од улиците, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска на Фејсбук обвини дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да се амнестира за состојбата за работата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
Во објавата Арсовска детално ја опиша структурата на надлежностите во претпријатието, нагласувајќи дека Советот на Град Скопје, со мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, има конечна надлежност за сите одлуки поврзани со јавните претпријатија, вклучително и „Комунална хигиена“