ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обвинуваат кој повеќе го величал Азем Морани

ВМРО-ДПМНЕ рехабилитира соработници на фашизмот и прави удар врз темелите на македонската државност, обвинија од опозицискиот СДСМ осудувајќи ја, како што велат, скандалозната одлука на Владата за именување основно училиште во Општина Студеничани со името на Азем Морани за кој велат дека бил познат балист и соработник на фашистичкиот окупатор за време и по Втората светска војна.

„Ова именување е историски неосновано и претставува директно понижување на антифашистичката борба на македонскиот и албанскиот народ. Тоа е навреда за сите борци од НОБ, за жртвите од фашистичкиот терор, за вредностите врз кои е изградена нашата држава, слободна, демократска и европска Македонија. Преку рехабилитација на фигури поврзани со балистичкото движење што ја прават ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се нарушуваат темелите на идеологијата врз која е изградена македонската државност: антифашизмот, народниот суверенитет и демократските вредности. Според десничарската матрица, тие свесно и систематски го бришат антифашизмот од колективната меморија заменувајќи ги партизанските имиња со имиња на балисти, соработници со фашистичкиот окупатор“,велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека бескомпромисната борба против фашизмот не е само дел од историското наследство, туку е структурна вредност на уставниот поредок, на идентитетот и на евроинтегративна определба на државата.

„Срамно е една влада што тврди дека е за Европа да дозволува вакви опасни чекори. Наместо да ги едуцира младите за вистинските херои на слободата, таа ги учи да ги слават соработниците и поддржувачките на фашистичката идеологија. Тоа е образовно и морално злосторство за едно деморкатско општество што се стреми кон европските вредности“,

соопшти СДСМ.СДСМ ја повика Владата итно да ја преиспита одлуката водејќи се од почитта кон борците и да поднесе итна иницијатива до надлежните институции за нејзино укинување.

„Ќе побараме и отворена расправа во Собранието, како и поддршка од Сојузот на борците и од сите прогресивни сили во државата. Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да ја поткопуваат идеологијата на антифашистичката борба и македонската историја! Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, а не врз ревизионизам и така мора да остане“,додаваат од партијата.

На ова одговорија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Сметаат дека е срамно и дрско СДСМ да зборува за темелите на македонската државност откако, како што велат, го промениле знамето, името и Уставот на државата.

„СДС која тоне сè подолу во рејтингот меѓу граѓаните, заборава дека име на училиште дава општинскиот совет, а не Владата. За да ги потсетиме, токму тие во време на Зоран Заев како премиер и градоначалник на СДС во Скопје, во Драчево улица е преименувана во Азем Морана, откако претходно се викала Јустинијан Први. СДС говори за македонска државност, а во нивно време се променија и името, и знамето и Уставот на Македонија. Ги распродаваа државните интереси на кој стигнат за ден повеќе власт. Затоа граѓаните не им дадоа доверба и тонат секојдневно сè повеќе. Подлоста на СДС оди во невидени размери, а ние како ВМРО-ДПМНЕ сме вчудоневидени на нивното однесување“,

реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.Инаку, денеска од Сојузот на борци упатија отворено писмо до Владата во кое остро реагираат на одлуката за давање согласност за формирање основно училиште во Општина Студеничани со името на, како што велат, профашистичкиот колаборационист, балистот Азем Морани.

Пред неколку дена вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити на Фејсбук објави дека на владина седница е одобрена одлуката за основање основно училиште „Азем Морани“ во селото Морани во Општина Студеничани, пишувајќи – денес во Морани се испиша историја.

Back to top button
Close