ВМРО-ДПМНЕ: Извештајот на ЕК констатира недостаток на напредок во 35 области

Од ВМРО-ДПМНЕ го анализираат извештајот на Европската комисија за кој потенцираат дека е константиран недостаток на напредок во дури 35 области.

Го пренесуваме соопштението во целост:

„Има причина зошто Димитар Ковачевски повеќе би сакал да зборува за опозицијата, отколку за Извештајот на Европската комисија.

Има причина зошто Бојан Маричиќ ќе зборува за собраниски процедури, од чиј надзор Владата бега, а нема да зборува за забелешките од Извештајот.

 

Тоа е затоа што овој Извештај ја обелодени системската негрижа на владата за спроведување на реформите. На сите сега им е јасно дека кај владата во Македонија нема сериозна и суштинска посветеност на реформите за кои само зборуваат.

 

Се гледа дека со години не се обрнува внимание на клучните области кои и се проблем на Македонија.

Оценката на Европската комисија, во многу делови, е дека нема никаков напредок во спроведувањето токму на препораките од Комисијата во претходниот извештај. Тоа значи дека Владата воопшто не ги земала предвид препораките на Европската комисија. Извештајот го забележува повеќемесечно незакажување на седници за пратенички прашања во собранието што покажува евидентен страв од дебата во собранието, од надзор, од дискусија без клевети и навреди. Извештајот ги забележува и законите со лажно европско знаменце со кои се сака да се протуркаат измени кои одговараат на власта на ДУИ и СДСМ: Во 81 таков случај.

 

Но, додека Власта зборува со флоскули, ние да зборуваме со факти.

 

Прво ЕУ и забележува на Владата дека сите препораки од минатата година не се адресирани во доволна мера, особено во делот на реформата на јавната администрација. Во реформата на истата нема напредок, а Македонија е само умерено подготвена.

Извештајот забележува и дека не е постигнат значителен напредок во однос на децентрализацијата на услугите и реорганизацијата на надлежностите меѓу централно и локално ниво.

Во делот на економијата, преовладува мислењето дека регионалната криза само ја продлабочи лошата состојба во општеството, со изразито висока инфлација, високи цени на добрата, храната и енергенсите, како и потресите на синџирите на снабдување.

Извештајот ја нагласува потребата мерките за справување со последиците од енергетската криза да бидат насочени кон ранливите слоеви од населението и компаниите. Тоа е во целосна спротивност со идејата на владата да ги финансира само бизнис партнерите на нејзиниот лидер.

 

Извештајот укажува и дека државната помош доделена на компаниите преку Планот за економски раст, како главен инструмент за хоризонтална помош, е нејасна, а државата не спровела оценка на нејзиното влијание.

 

Според овој Извештај, деловното опкружување продолжува да биде закочено поради огромната присутност на неформалната економија и бавниот напредок во рационализацијата на парафискалните давачки.

Извештајот наведува дека мерките и стратегиите за подобрување на бизнис окружувањето не се доволно систематски и конзистентни.

Извештајот дава критика и за отсуството на каков било напредок во справувањето со сивата економија.

Големото присуство на сивата економија го кочи бизнисот. Според Извештајот во својата остра критика наведува дека „предизвиците наметнати од големата неформална економија не се адресирани на одлучен начин“.

ЕУ повикува и дека потребно е подобрување на управувањето со јавните инвестиции. Според Извештајот, овие прашања, како и големите празнини во транспортната и енергетската инфраструктура, ниските инвестиции и трошоците за иновации го кочат потенцијалот за раст на земјата.

Во делот пак на безбедносните служби се повторува критиката од претходните години дека земјата треба да го зајакне капацитетот за парламентарен надзор над разузнавачките служби. Во оваа област не е направен чекор напред ниту оваа годинаИста е ситуацијата и со правосудството, каде што оценката е дека тоа е само на одредено ниво на подготовка односно е умерено подготвено. Според ЕК, забавено е темпото на имплементација на стратегиите за човечки ресурси.

Во иста ситуација е и борбата со корупцијата и организираниот криминал, каде што недостасуваат средства и кадровска екипираност. Тука Извештајот вели „Треба да се направи повеќе за да се подобри ефективноста на спроведувањето на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал.“

Ако ги сумираме оценките, Владата во Македонија има и најнизок степен на напредок има во вкупно 35 позиции, два пати повеќе од оние во кои има барем некаков степен на напредок, а особено ваква е ситуацијата во делот на политики на компетитивност, упростување на административните процедури, финансиските и буџетските регулативи, регионални политики и координација на структурните инструменти, правната рамка за алтернативното казнување, признавањето на професионални квалификации, пристап до пазарот на трудот, заштитата на потрошувачите, машинството, контролата и инспекцијата на води, итн.

Очигледно е дека Владата е изгубена во просторот и времето. Затоа нема реформи и подобрување на состојбите.

Областите каде се забелешките од ЕК за застој не зависат од потпишување договори кои значат капитулација. Тие зависат од напорна работа, борба со корупција, ефикасност и чесна посветеност.

А реформите на општеството ни се потребни заради нас самите. Подобрувањето на состојбите не е заради ЕУ, туку е само заради Македонија.

Затоа на Македонија и се потребни промени, се наведува во соопштението.

Back to top button
Close