ВМРО-ДПМНЕ: Како е можно за ист тендер РЕК Битола лани да платил 13 милиони евра, а оваа година 20 милиони евра?
РЕК Битола годинава склучил коруптивен договор за увоз на струја. За истиот тендер лани, компанијата платила 13 милиони евра, а годинава 20 милиони, обвинија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„На 22.11.2022 година во РЕК Битола се склучува коруптивен договор во висина од 20 милиони евра. На тендерот со еден понудувач „Марковски- компани“, која е фирма миленик на директорот Ковачевски за договори во четири очи, понудила точна сума – токму колку што планирале од РЕК Битола да потрошат.
Најстрашно е што кога имало конкуренција во претходната 2021 година за истата услуга на истиот оглас во договор од 24.06.2021 година во РЕК Битола платиле 13 милиони евра што е за 7 милиони евра помалку. Кога на минатиот тендер имало наддавање и повеќе понудувачи, цената од планирани 13,5 милиони евра паднала на 13 милион евра т.е. имало намалување од половина милион евра. Како е можно за истиот тендер минатата година РЕК Битола да платила 13 милиони евра, а оваа година 20 милиони евра, цели 7 милиони евра повеќе“,праша Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.
При реализација на овие тендери, додаде Антовски, истиот камион неколку пати поминал на вага со товарениот материјал без да го истовари на депониите за јаглен кои во рудниците во БРОД ГНЕОТИНО не се обезбедени, ниту пак некој ги контролира и истиот товар се наплаќа односно се фактурира неколкукратно.