ВМРО-ДПМНЕ: Кичеец се шета по кафеани, додека политичките затвореници издржуваат драконски казни
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира дека осудениот Зоран Милески Кичеец наместо да биде во затвор седи по кафеани и се шета слободно. Портпаролот на партијата, Наум Стоилковски, вели дека Кичеец кој беше осуден во случајот „Рекет“ има привилегија казната да ја отслужува во отворениот затвор во Струга. Стоилковски објави и фотографија од Кичеец како седи во угостителски објект.
„Зоран Милески, Кичеец или Кичевскиот, човекот осуден на затворска казна, човекот снимен како ги носи парите од рекет, како ја носи полна со пари онаа Луј Витон торба, пари што според исто така осудениот Боки 13 завршиле кај Зоран и Вице Заеви, наместо во затвор, седи и се гоштева по летните тераси на меаните! Ова е скандалозно, но и очекувано. Режимот на мафијата, преку правосудниот систем во пупка, наместо на отслужување на затворска казна, Кичеец го смести во Струга, во затвор од отворен тип, од каде што затворениците излегуваат надвор. За да заврши во Струга, наместо во Идризово или во Штип, тој ја менува адресата на живеење непосредно пред крајот на судскиот процес, што иницира и посочува дека можеби му било ветено дека ќе заврши токму во отворениот затвор во Струга – рече Стоилковски на денешнта прес-конференција.
Тој додава дека наспроти овој случај, пак во најлоши затворски услови казна отслужуваат, како што вели, политички затвореници.
„Наспроти ова, во затвор, во најлоши услови, со огромни казни, лежат луѓе за кои што цела држава бара повторно судење, заради искази на некредибилен сведок, за што веќе се јавно објавени и неговите лични тајни сведоштва дека се осудени невини луѓе за делото за кое што се пресудени овие драконски казни. Луѓе заради нарачано лажно сведочење гнијат во затвор, оној што рекетира, осуден на минимални казни, седи во кафеани на тераси и ужива во слободата – рече Стоилковски.