ВМРО ДПМНЕ: Ковачевски да трепне два пати како сигнал дека не е киднапиран од ДУИ
Тоа што Ковачевски не се откажува од техничката влада значи дека ДУИ му забрани да се откаже од идејата оваа техничка влада да има премиер од криминализираната ДУИ, обвинува ВМРО-ДПМНЕ, откаде велат дека ова е само потврда на фактот дека и со оваа влада управува ДУИ со подизведувач СДС.
„Колата за која збори Таче му зариба, зошто наместо горивото изразено во милиони евра во тендери, наместо во народниот резервоар течеше во приватните џебови на власта. Корупцијата на власта е нотирана во сите извештаи на меѓународните институции. Ковачевски денес кога зборуваше за локалната самоуправа барем признава дека општините се блокирани и кочени од централната власт, но и при таква состојба бројот на проектите за народот се огромни и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се без ниту една афера зад себе. Наредната изјава барем Ковачевски да трепне два пати како сигнал дека не е киднапиран од ДУИ“се наведува во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно премиерот Ковачевски најави дека очекува успешна лидерска средба во понеделник и потенцира дека нема консензуално решение во моментов за укинување на техничката влада.
„Прво, таа (техничката влада) е донесена како резултат на лошото владеење на ВМР-ДПМНЕ. Се сеќавате дека се донесе во тешки услови , кога државата беше претворена во партија, кога државниот апарат беше ставен во функција на една партија и како резултат на тоа беше донесена техничка влада чиј мандат беше продолжен согласно Законот за Влада и Законот за избори. Од она што може да се види во јавноста преку изјавите на политичките партии не постои консензуално решение за нејзино укинување сега на краток рок пред одржување на изборите, меѓутоа секако постои расположение да биде укината со важност од следните избори. И тоа не треба да биде пречка во однос на одржување на изборите, бидејќи обезбедува уште поголем демократски амбиент имајќи предвид дека на опозицијата и беше понудено да учествува во Владата заради продолжување на европскиот пат со половина од министерствата – понуда која се уште стои на маса“ рече Ковачевски.