ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски потврди дека нема пазар за уставни измени и со тоа призна дека измените во КЗ се за амнестија на СДСМ и ДУИ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение реагираше на прес-конференцијата на премиерот Димитар Ковачевски од која тој уверуваше дека со измените во Кривичниот законик не се прави ниту амнестија ниту пазар за уставни измени, туку, како што рече, усогласување со европското законодавство.
На ова, од опозициската партија порачаа дека со тоа што потврдил оти нема никаков пазар за уставни измени, Ковачевски индиректно признал дека измените на КЗ се прават исклучиво поради амнестија на ДУИ и СДСМ, иако на прес-конференцијата премиерот уверуваше дека со измените не се прави амнестија за кривичните дела сторени во вршење на службата на јавните функционери.
„Измените во Кривичниот законик со кој се намалуваат казни е за директорите и министрите од власта кои изминативе шест години ја крадат државата. Тендери во четири очи, наместени набавки, се предмет на амнестијата на СДС и ДУИ за своите функционери. Ковачевски е свесен дека оди во опозиција и знае дека по падот од власта нема да ги имаат обвинителството и судството под контрола и ќе треба да се соочат со одговорност, затоа и ги намалуваат казните“наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција.
Претходно денеска, премиерот Ковачевски на прес-конференција пред новинарите изјави дека измените во Кривичниот законик, кои од вчера официјално стапија во сила, не значат никакво помилување ниту амнестија за никого, туку, како што рече, со нив се прави конкретизација на кривичните дела кои некој ги направил.