ВМРО-ДПМНЕ: Менаџментот на ЗОО Скопје целосно потфрли, дали во градината се шири епидемија на туберкулоза?
Менаџментот на скопската Зоолошка градина и раководството во градот целосно потфрлија. Во градината постојано угинуваат животни поради разни болести, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, коешто МИА го објавува интегрално.
Во ЗОО Скопје владее општ хаос, животни се разболуваат и умираат, а никој не ги третира и лекува.
Сите инциденти за разболување и угинување на животните, установата ги крие од јавноста, а со тоа го доведува во опасност здравјето на останатите животни, но и на вработените и посетители.
Една од болестите којашто е причина за смртта на голем број животни е туберкулозата, која е заразна болест и претставува вистинска опасност за целата околина.
Пред месец и половина, во скопската зоолошка градина починаа три лами од болеста туберкулоза, а кај уште две е потврдена истата инфекција.
Но, хаосот не запира тука. Пред 3 дена почина и младото мајмунче од видот Гибон, а според патолошкиот наод, повторно се потврдува присуство на туберкулоза, истиот вид зараза како кај ламите.
Ова претставува аларм по кој треба итно да се реагира, а менаџментот да понесе одговорност.
А ваквите случаи отвораат сериозни прашања колку животни загинаа од оваа болест, колку се загрозени и дали вработените и посетителите се безбедни?
Време е за одговорност и итна реакција.