ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски и Ахмети разговараа за гласањето доверба на Владата

Претходно, од ДУИ за „Слободен печат“ изјавија дека двајцата лидери имале информативна средба, за да се слушнат ставовите на Мицкоски за Договорот од Преспа, новото име на државата и спорот со Бугарија

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека информациите кои излегоа од ДУИ околу тоа што се разговарало на средбата на Али Ахмети и Христијан Мицкоски не се точни и оти лидери разговарале само околу прашањето за гласање доверба на Владата.

Како што велат од опозициската партија, средбата се одржала на барање на Ахмети и траела околу половина час.

„Тема на разговорот беше прашањето за гласање на доверба на Владата на СДСМ-ДУИ, за што до Собранието се поднесени 61 потпис“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, од ДУИ за „Слободен печат“ изјавија дека двајцата лидери имале информативна средба за да се слушнат ставовите на Мицкоски за Договорот од Преспа, новото име на државата и спорот со Бугарија.

„Господинот Ахмети денеска имаше средба со господинот Мицкоски и на таа средба се разгледани главните програмски точки и дали во иднина можат да се поклопат тие на ДУИ со оние на господинот Мицкоски. Што се однесува за договорот од Преспа, го прифаќа или не новото име на државата, другото прашање е каква е визијата на господинот Мицкоски за проблемот со Бугарија, кој е клучен за да се отворат преговорите со ЕУ. Ова се точките кои отвораат можност за соработка со господинот Мицкоски или не, во иднина доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори“,гласи изјавата од ДУИ што ја пренесе „Слободен печат“.

Инаку, Ахмети денеска имаше средба и со Зоран Заев. Средбата се одржа во Собранието, а од СДСМ одговорија дека партискиот лидер бил во парламентот на покана на Талат Џафери со цел лично да го информира за поставеното прашање за доверба на Владата и за понатамошните деловнички чекори.

Back to top button
Close