ВМРО-ДПМНЕ му одговори на Жерновски: Не избламира пред земја-членка на ЕУ и не може да зборува за дипломатија
Андреј Жерновски, човекот кој не избламира пред земја-членка на ЕУ и никогаш не стана амбасадор не може да зборува за дипломатија, одговорија денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на тезите што ги изнесе Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ, кој го обвини министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски за „тотален дебакл во надворешната политика“ и за „влошена меѓународна позиција“.
Од ВМРО-ДПМНЕ не одговорија на тезите на Жерновски, кој говореше за „закана од бришење на македонскиот јазик и македонскиот идентитет“ од Извештајот на Европскиот парламент, за „влошена меѓународна позиција“, „замрзнат европски пат“, „американски царини од 33 отсто“ и друго. Наместо тоа, од владејачката партија ја коментираа дипломатската кариера на функционерот на опозицијата.
„Жерновски кој седеше со месеци во Букурешт без да предаде акредитивни писма, слуга на Заев не може да кажува како треба да се работи. Жерновски е уште еден потрчко на патлиџан дипломатијата на Заев, кои ја сфаќаа дипломатијата како ,’Бојко љубави, имаш поздрави од Зоки’. Жерновски глуми дипломат, а всушност се работи за човек кој е следбеник на дипломатијата ‘еден народ, две држави’“,
рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението тие додадоа дека СДСМ се виновни за, како што велат, дипломатските неуспеси, а не ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС пред да зборува за дипломатија, треба да се извини за Заев, и за сите уназадувања кои ги причини тој, на национален план. СДС ги урна Македонските позиции, нешто кое наиде на фрапираност и кај најголемите шовинистички кругови во Бугарија. СДС е директно виновен за се негативно на дипломатски план. А Владата на ВМРО-ДПМНЕ, веќе една година поправа грешки од СДС и ниже успеси“,
додадоа од владејачката партија.
Според Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на партијата, по една година владеење, резултатите на меѓународен план се поразителни, а Македонија е „понижена, без ниту еден успех, само порази“.
Жерновски истакна дека наместо ветените подобри позиции, Македонија е „заглавена“ со далеку полоша меѓународна позиција.