ВМРО-ДПМНЕ: Наместо да чека интервју да каже дека ќе го бара Ердоган за екстрадицијата на Палевски, досега Пендаровски тоа требаше да го направи
Наместо да чекал интервју за да каже дека ќе бара екстрадиција на Палевски од Ердоган, Пендаровски тоа досега требало да го стори, пишува во вечерашното соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како реакција на интервјуто на претседателот Стево Пендаровски, кое вечерва се емитуваше на „360 степени“ на МРТ 1.
Уште едно интервју на Пендаровски, како што пушува во соопштението од опозициската партија, кое велат е уште една политичка анализа, наместо претседателско обраќање.
„Аналитичарот Пендаровски пет години не успеа да создаде авторитет кај СДС и ДУИ кои очигледно не го регистрираат, наместо по телевизии да се надева дека нема да му праќаат закони со европско знаменце, подобро ќе беше јавно на прес-конференција да го изрази своето негодување со ноншалантниот однос на власта и злоупотребата на европското знаменце за секој закон од кој имаат бизнис интерес“,велат од опозициската партија.
Оттаму велат дека во однос на членовите на Судскиот Совет, наместо мислења од Пендаровски дека било добро, како што велат, треба да им се извини на граѓаните, зошто, според ВМРО-ДПМНЕ, тој пет години е дел од луѓето кои се заслужни за довербата од 2 отсто во судството.
Според опозициската партија, за случајот со Вања, Пендаровски наместо да чекал интервју каде ќе соопшти дека ќе бара од Ердоган екстрадиција за Палевски, тоа до сега требало да го направи.
„Пендаровски пет години едно единствено решение или одлука нема донесено, или ги следи СДС и ДУИ или има краткорочни ставови кои отпосле ги повлекува или го демантира кабинетот“,додаваат од ВМРО-ДПМНЕ