ВМРО-ДПМНЕ: Нашите градоначалници нема повеќе да присуствуваат на ниту еден настан на Арсовска
ВМРО-ДПМНЕ реагира дека градоначалничката Данела Арсовска денеска промовирала проект во Општина Гази Баба кој бил поддржан од советничката група на партијата, а оти на презентирањето не бил поканет градоначалникот на Општината, Бобан Стефковски, во чија соработка е проектот.
Поради тоа, но и поради несоодветната комуникација на Арсовска и неисполнувањето на ветеното од програмата „За модерно Скопје“, ВМРО-ДПМНЕ најави оти градоначалниците од партијата повеќе нема да присуствуваат на ниту еден настан на градоначалничката.
„Поради немањето соодветна и нормална комуникација што треба еден градоначалник на Град Скопје да ја има за доброто на градот, како и поради неисполнувањето на обврските од ветеното од програмата ‘За модерно Скопје’, поради кој и беше дадена довербата на градоначалничката Арсовска, но и нејзината силна инволвираност во сомнителни и криминогени зделки ВМРО-ДПМНЕ во целост се оградува од однесувањето на Арсовска и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствуваат на ниту еден настан на градоначалничката Арсовска – посочуваат од ВMРО-ДПМНЕ
Нека ѝ е честита новата коалиција на уценетата Арсовска и дезертерот Ковачевски, се додава во реакцијата на партијата.
Претходно денеска скопската градоначалничка информира дека е извршен увид на почетокот на градежните работи за реконструкција на улицата „Перо Наков“ во општината Гази Баба.