ВМРО-ДПМНЕ: Не е точно дека е фрлена бомба во домот на полицаецот, туку во домот на татко му
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека МВР во дневниот билтен има информирано за инцидентот, а не, како што тврдат од СДСМ, дека настанот се крие од јавноста

Фабриката од талогот на лажни вести повторно погреши – реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата на СДСМ дека во домот на вработен на МВР, близок со кумот на премиерот Христијан Мицкоски, била фрлена бомба, наводно поради нереализиран бизнис со провизии.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Министерството за внатрешни работи во дневниот билтен има информирано за инцидентот, а не, како што тврдат од СДСМ, дека настанот се крие од јавноста. Од владејачката партија ги отфрлија наводите дека бомбата била фрлена во домот на полицаецот Милко Бошковски, туку во домот на татко му.
„Не е точно дека е фрлена бомба во домот на полицаецот, туку во домот на неговиот татко. СДС нема докази, само шарена приказна и шпекулации. Тоа е исто така како да кажеме дека Венко зема пари за операции и тоа е јавна тајна“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму директно не ги прокоментираа наводите изнесени од СДСМ – дека причината поради која била фрлена бомба во куќата во Бардовци е нереализиран бизнис-договор со провизии.





