ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од изградба на БРТ во Скопје, но ќе го модифицира – вели Мицкоски
Нечистотијата и проблемот со јавниот превоз во Скопје, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски ги припишува на тврдоглавоста на градоначалничката Данела Арсовска. Прашан за одговорноста на советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, кои се најмногу на број, Мицкоски вели дека Арсовска не покажала интерес за градење односи и правење компромиси.
„Изминативе денови на јавната сцена слушам оправдување, демек – еве, советниците на ВМРО-ДПМНЕ ги кочеле проектите, што не е апсолутно точно. Зошто тоа не е точно? Затоа што лидерството не подразбира апсолутизам – јас сум најпаметен, јас сум тој што ќе каже нешто и тоа е тоа, без да има обид за компромис или барање заедничко решение. Тоа не е лидерство. Градоначалничката ја испушти шансата да разговара со советничките групи, да разговара со менаџментите во јавните претпријатија, со управните одбори и да наоѓа компромис. Не можете ако тргнете од две сосема спротивставени страни, вие воопшто да не се поместите за да се обидете да најдете компромис, туку да останете на вашата страна, чекате другите да ви се доближат, тоа не е компромис“,вели Мицкоски.
Прашан дали му е чиста совеста да го нуди Ѓорѓиевски откако претходно ја понуди Арсовска, а ветувањата останаа неисполнети, Мицкоски вели – да, затоа што Ѓорѓиевски го знае од најрани години.
„Израсна навистина во човек на кој можеме да се потпреме, да му веруваме, амбициозен, човек што нуди решенија за проблемите и човек што ги решава проблемите, не ги заобиколува, не бега. Вреден, чесен и тоа го покажа како градоначалник во општина Кисела Вода. Јас сум убеден дека со својот пристап, уште во првите минути кога ќе ја преземе позицијата градоначалник на Град Скопје, ќе покаже разлика, а заедно ќе направиме историска разлика споредено со сето она искуство коешто го имавме во минатото“,рече Мицкоски.
Премиерот смета дека во Скопје нема да има втор круг на изборите за градоначалник, а воедно и апелира да се гласа за Ѓорѓиевски за што побргу да седне на градоначалничката фотелја, за да се видат резултати веднаш.
Меѓу тие резултати, Мицкоски го вбројува и БРТ (бас рапид транзит), промовиран од поранешниот градоначалник Петре Шилегов.
„Од тој не се откажуваме, но ќе биде модифициран, затоа што таков каков што е предвиден, на таа траса, зборувам за трасата што треба да го поврзе источниот со западниот дел на градот и да заврши до Ѓорче Петров, цениме дека треба да биде продолжена најмалку до Сарај и да се изнајде техничко решение. Истовремено да се развива и другата линија север-југ, којашто треба да ги поврзе Бутел со Кисела Вода и тој дел на градот до Драчево“,изјави Мицкоски.
Тој укажува дека, сепак, треба да се обноват разговорите со европските финансиски институции бидејќи за овој проект потребен е заем, а потоа заеднички да се измени техничкото решение заедно со кредиторот.
„Мислам дека во неколку месеци тоа можеме да го операционализираме, доколку постои расположение од другата страна, и веднаш да тргнеме со допроектирање. Реално е во 2026, 2027 г. да почнат теренските активности“, рече Мицкоски.