ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од предлогот: Ковачевски да размисли!

Иако премиерот го одби предлогот на Мицкоски за средба на која ќе разговараат за предвремени избори, опозициската партија ќе ја држи отворена понудата до 10-ти мај

Ковачевски одби, а од ВМРО-ДПМНЕ му порачуваат – да не избрзува и убаво да размисли. Вака заврши вчерашната серија на разменети пораки меѓу власта и опозицијата, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од прес-конференција го повика премиерот на јавна средба, на која ќе договорaт датум за одржување на предвремени парламентарни избори. Мицкоски најави дека на таа средба планира да предложи и четири тима од луѓе со искуство, кои pro bono, сѐ до денот на предвремените избори, ќе работат заедно со тимови од власта во четири области: економија, надворешна политика, здравство и образование.

Оценувајќи ги резултатите од стоте дена на Владата како „сто дена живот во национална катастрофа“, Мицкоски порача: „Доколку ја одбие и оваа порака за средба за излез од националната катастрофа во која живее Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава и потоа следат сериозни и досега непрактикувани чекори“.

Премиерот Ковачевски на Фејсбук го објави неговиот став.

„Кажав повеќе пати, и пак ќе кажам – уцени не прифаќам. Ова е вторпат како Мицкоски се обидува да ме уценува, а добро знаеме како заврши првиот пат. Неговите себични политички амбиции мене не ме засегаат, туку интересот на граѓаните и државата“, напиша Ковачевски.

Тој потенцира дека Владата има многу одговорна работа, а тоа е менаџирање на најголемата економска криза по Втората светска војна.

„Ниту се потребни средби за избори, ниту се потребни избори, туку одговорно делување на сите политички партии. Потребно е функционално Собрание за носење закони и рационално трошење на буџетот во овие кризни времиња (…) Владата е стабилна и одговорно владее, а најавите на Мицкоски се одраз на немоќ и безидејност за конструктивност. Ако сакаше било што конструктивно да направи, досега ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да го направи. Наспроти тоа, тие произведуваат лажни вести, дигаат хистерија и партиски мобилизираат протести. ВМРО-ДПМНЕ прави сѐ друго освен реална и конструктивна политичка работа“, одговори Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски избрза

За работата и резултатите Ковачевски денеска ќе говори на Форумот „100 дена од мандатот на новата Влада“, по што ќе следи панел сесија со премиерот, вицепремиерите и министрите, во присуство на претставници на дипломатскиот кор, стопанските комори, граѓански организации, институции и медиуми.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека сѐ е веќе кажано со „сто дена крпен живот, сто дена на растечка сиромаштија и галопирачка инфлација, на покачени сметки и раскрчмување на идентитетот“. Велат дека премиерот избрзал од отфрлањето на нивниот предлог.

„СДСМ и Ковачевски се однесуваат недораснато и неодговорно. Тие не го ни слушнаа предлогот, но побрзаа да го одбијат. Тие без да размислат ја одбиваат пружената рака од страна на ВМРО-ДПМНЕ за помош во справувањето со кризите и проблемите во кои е западната Македонија токму поради нивното владеење. Велиме дека нивното однесување е инфантилно, бидејќи одбија средба на која ќе се разговара за понудата за формирање нчетири тима во делот на економијата, надворешната политика, здравство и образование и ќе работат без привилегии за да им помогнат на владата и граѓаните да излезат од акутни проблеми во општеството и тензијата во која што живеат“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ за ДВ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека премиерот избрзал од отфрлањето на нивниот предлог

Порачуваат дека СДСМ не треба да бега и од темата за предвремени избори, бидејќи тие се природен след на неуспешното справување со предизвиците од страна на власта.

„Понудата од страна на ВМРО-ДПМНЕ е пакет за подобра иднина на Македонија, од кој премиерот не може да бира што му се допаѓа, а да одбива тоа што не му допаѓа. Понудата е јасна, да се дефинира термин за нови избори, а во меѓувреме овие тимови од експерти, без привилегии да ѝ помогнат на Владата, без партизација и без политизација, за да можат да се решат акутните проблеми“, велат од партијата.

Иако Ковачевски веќе го отфрли предлогот, тие сепaк ќе чекаат одговор до посочениот рок.

„Ковачевски да размисли убаво до 10-ти мај и да се изјасни за понудата, а во меѓувреме нека ги консултира органите на партијата или барем неговите политички ментори во СДСМ. СДСМ и Ковачевски треба да покажат дека ги интересира подобрата иднина на граѓаните, а не само голата власт“, порачуваат од опозициската партија.

За Ванчо и Ќосето

Власта и опозицијата вчера ги вкрстија копјата и во Собранието за време на пратеничките прашања, околу темата „Ванчо Михајлов“. Пратеничката на ВМРО ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, праша што ќе направи премиерот откако власта дозволила да се отвори културен центар со име на фашист во антифашистичка Македонија, aКовачевски одговори дека неговиот став е непременет.

„Мојот став е ист и кога неговата фигура беше поставена во Музејот во Ново Село во Штип, со говор на вашиот почесен претседател, осуденото лице за криминал и бегалец Никола Груевски. Мојот негативен став за него е ист и кога неговата фигура беше ставена во Музејот во Скопје, како дел од криминалот на Груевски и на вашата партија и вашите сопартијци во најголемиот криминален проект – Скопје 2014“, рече премиерот.

Тој потенцираше дека дел од основачите на Клубот „Ванчо Михајлов“ се фотографирани со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и дека не му е познато дали има слика од Михајлов во „Белиот дворец“.

За сликата пред неколку дена прашаа и од битолскиот клуб кој го носи името Ванчо Михајлов, но со тврдење дека таква слика постои во седиштето на опозициската партија.

„Каква е симболиката и значењето на портретот на Иван Михајлов во кабинетот на Христијан Мицкоски, наследена таму уште од времето на претходниот претседател на ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски, но зачувана од Мицкоски?“, прашаа од клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“, во отворено писмо.

Од ВМРО-ДПМНЕ децидно тврдат дека „во седиштето на партијата нема слика од Ванчо Михајлов“.

А запрашани за најавата на скопската градоначалничка Данела Арсовска (која на локалните избори беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ) дека за повторно поставување на (еднаш отстранетиот) споменик на Андон Јанев-Ќосето „ќе ги прашаат граѓаните“, од опозициската партија велат дека не ги знаат деталите за иницијативата.

„Не сме во тек со деталите на иницијативата. Во суштина се работи за човек кој е дел од македонската борба за слобода и борба за самобитност која ВМРО-ДПМНЕ ќе ја цени и вреднува. Откако ќе биде објавена иницијативата ќе излеземе со прецизен став“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. 

извор: ДВ

Back to top button
Close