ВМРО-ДПМНЕ: ЈО по допрен глас да отвори случај за молкот на Филипче за загадената вода во Гостивар додека беше министер
„ВМРО-ДПМНЕ го повикува Јавното обвинителство по допрен глас да отвори предмет и да го истражи непостапувањето на Венко Филипче додека бил министер за здравство, во врска со анализите за квалитетот на водата, како во Гостивар, така и низ државата. Документите и информациите доставени од свиркачи укажуваат дека биле направени околу 400 анализи за квалитетот на водата, кои ја покажале неисправна за пиење“ соопштија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија велат „токму затоа, се поставува прашањето дали и зошто надлежните институции, предводени од тогашната власт на СДС, не презеле соодветни мерки. Граѓаните имаат право да знаат зошто не биле навремено информирани доколку водата не била безбедна, зошто проблемот со години не бил решаван и дали Филипче бил запознаен со извештаите, а сепак не постапил“.
„Затоа бараме Јавното обвинителство да ги провери сите анализи и документи, да утврди кој знаел и кој не постапувал и, доколку постои одговорност, таа да биде санкционирана. Никој не смее да биде заштитен поради политичка припадност или функција. Граѓаните заслужуваат одговори, одговорност, вистина и правда“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.






