ВМРО-ДПМНЕ обвини дека компании преку фиктивни фактури црпеле милиони од Буџетот, од СДСМ велат оти УЈП го открила и постапила за случајот

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека мрежа од компании направиле милионски штети на државниот Буџет откако подолго време со фиктивни фактури црпеле пари по основ на поврат на ДДВ. Во оваа мрежа на компании, според опозициската партија, често се менувале одговорни лица и сопственици, а во поголем дел од случаите, тоа биле лица кои тешко може да бидат лоцирани бидејќи се од земјите од соседството.

„Буџетот е оштетен, а државата тешко без кривично гонење ќе може да ги поврати исплатените милиони бидејќи компаниите преку кои се штанцани фиктивните фактури и се испупмани пари немаат имот за од истиот да се наплати долгот. Симптоматично е и тоа што досега не се преземени дејствија со кои ваквите случаи ќе бидат спречени и условите за вакви криминални дејства ќе се доведат на минимум, а не сега кога веќе се испумпани милиони по основ на поврат на данок од Буџетот со контролите да се покаже слика дека институциите делуваат на сузбивање на криминалните мрежи“,изјави пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија и дека ваков систем не можел да функционира со или без Управата за јавни приходи.

„Или челниците ја УЈП знаеле и молчеле за целиот случај или целосно го девастирале системот и немаат увид“додаде Стојаноски.

На ваквите наводи на опозициската партија денеска преку писмено соопштение реагираа од владејачкиот СДСМ.

Оттаму велат дека случајот со мрежа нафтени компании кои сакале да го изиграат системот и да извлечат пари од државниот Буџет бил откриен токму од УЈП и од директорката Сања Лукаревска.

„Целата постапка на разоткривање и процедура за расчистување е веќе завршена и јавноста ќе биде запознаена со сите информации“,велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека сите вклучени во овој случај ќе сносат одговорност, а ВМРО-ДПМНЕ ја обвини дека сака да ја загрози постапката која е во тек и која по налог на УЈП ја спроведуваат надлежните институции.

„Предвремено изнесување паушални, неточни и непроверени работи како што прави ДПМНЕ ја загрозува постапката и опозициската партија треба да престане со дезинформации да прави штета“посочуваат од владејачката партија.

На ова, пак, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Велат оти секогаш кога тие ќе откријат криминал или некаква злоупотреба, власта вели оти со тоа се загрозува истрагата.

„Испумпувањето на милиони од Буџетот преку фиктивни фактури за поврат на ДДВ не можело да помине без знаење на власта. И кога ВМРО-ДПМНЕ обелодени, тие се вадат дека се попречува истрагата. Не постои сериозен криминал во изминатите седум години за кој СДС не кажало дека се злоупотребува настанот и ниту еден не е расчистен. За нив најдобро е сите да молчат и никој да не зборува за криминалот кој го прават“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.СПОДЕЛИ

Back to top button
Close