ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ ја финансирале сопругата на Апасиев преку „Еразмус+“, таа им врати дека се бетер од партијата со која се перат
СДСМ ја финансирале сопругата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, Тамара Јованов-Апасиева, преку Националната агенција за „Еразмус+“, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека ова укажува на соработка меѓу двете партии, иако јавно се претставуваат како спротивставени.
„Пред камери противници, зад камери соработници“,рече Лефков на денешната прес-конференција.
Лефков тврди дека додека Апасиев јавно се претставува како противник на СДСМ, неговата сопруга добивала европски пари од Националната агенција за „Еразмус+“, со која раководел Марко Ѓорѓиевски од СДСМ.
„Додека Апасиев пред камерите глуми противник на СДС, зад затворени врати неговиот семеен круг бил дел од системот кој го водела власта на СДС, добивал финансии и уживал привилегии“,рече Лефков.
Лефков постави неколку прашања, навестувајќи дека станува збор за политички договор меѓу двете партии.
ВМРО-ДПМНЕ прашува дали ова е класичен пример на политички договори меѓу СДСМ и Левица.
Исто така, рече тој, се поставува прашањето дали во јавноста играат улога на „жестоки противници“, а во позадина функционираат заедно, делат фондови и позиции.
Лефков додаде дека останува да се види дали оваа соработка СДСМ – Левица ќе продолжи и на овие избори и дали Апасиев е „купен“ со парите од „Еразмус+“ за да одработува за СДСМ.
На обвинувањата на Лефков, со реакција излезе Тамара Јованов, која во објава на нејзиниот фејсбук-профил му постави контрапрашања на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.„Извинете што не сум партиски вработен професор, скриен у кабинет заради неспособност и наместо тоа си ја работам работата. Дали ова значи дека ако се поднесе квалитетна апликација од која сум дел, ДПМНЕ нема да даде средства оти сум сопруга на Апасиев? Дали тоа значи дека агенцијата си ја сметаат за своја дедовина, а не за институција која треба да служи на сите граѓани еднакво?“, пишува Јованов.
Таа во објавата, барајќи Лефков да одговори на прашањата, вели „излеговте бетер од таа СДС со која се перете“.
ФОТО: Принтскрин од објава на Тамара Јованов на Фејсбук
Инаку, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност задолжена за „Еразмус“ изминатиот период е дел од партиски преписки и обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ изнесоа, како што велат, нов скандал во Националната агенција за европски образовни програми, обвинувајќи ја Владата дека за в.д. директорка ја назначила Ана Михајлов која, според нивни информации, е осомничена во истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).
Тие рекоа дека назначувањето на Михајлов на 1 август било извршено без транспарентност и без консултација со Европската Унија.
Од ВМРО-ДПМНЕ секојдневно излегуваа со контраобвинувања од каде велат дека СДСМ ја користеле Агенцијата за европски образовни програми како своја приватна фондација за да им додели грантови на свои партиски кадри.