ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Владата набавува леб за министрите кој чини 80 денари

Ковачевски во Влада набавува леб поскап за 30 до 100% повеќе од цената која самиот ја пропишува, односно плаќа 41,4 денари за 450 грама за белиот леб, а за белиот леб со продолжен рок плаќа нешто под 80 ден, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од партијата велат и дека лицемерието на Ковачевски кон граѓаните е класичен пример за целокупното негово владеење бидејќи донел мерка која ни самата Влада не ја почитува, а притоа се претставувал како спасител во ситуација кога во Македонија поскапеле цените на сите производи.

 

„Ковачевски во Влада набавува леб поскап за 30 до 100% повеќе од цената која самиот ја пропишува, односно плаќа 41,4 денари за 450 грама за белиот леб, а за белиот леб со продолжен рок плаќа нешто под 80 ден“,

 

се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие уште пред една година апелирале дека ќе дојде до ваква ситуација, но премиерот не сакал да го заштити стандардот на граѓаните, неприфаќајки ги предложените мерки од страна на опозицијата со што би се зголемиле стоковите резерви и ќе се спречел ценовен шок за граѓаните. Наместо тоа, велат, Владата дозволила поскапување на струјата и на цените на основните продукти.

 

„Ковачевски ако се грижеше за граѓаните немаше да дозволи инфлација од 20% во Македонија, стандардот на граѓаните да падне, а во исто време се живо да поскапе. Затоа провидна е глумата и лицемерието на власта. Кога ВМРО ДПМНЕ ќе ја предводи следната Влада, ќе ги направи сите напори да го подигне стандардот на граѓаните, преку одржливи мерки, кои нема да бидат од денес за утре“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ следуваат откако Владата донесе одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари. Ова ги разлути пекарите кои неколку дена не испорачуваа леб во продавниците и маркетите, но, започнаа со дистрибуција откако Владата им наложи на производителите и трговците дека имаат обврска да произведуваат и продаваат леб по замрзната цена. Ваква одлука Владата имаше донесено во четвртокот на седница, а таа веднаш беше објавена во „Службен весник“, со што стапи во сила.

Back to top button
Close