ВМРО-ДПМНЕ од среда ќе почне со најавените протести

– ВМРО-ДПМНЕ од среда почнува со најавените граѓански протести, изјави денеска на прес-конференција лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

-На 9 септември, среда, ги повикувам граѓаните на протест. Протестот ќе започне во 18 часот. Појдовна точка ќе биде Министерство за правда, а ќе заврши пред Регулаторната комисија за енергетика. Имаме скапа струја, а сиромашен народ, рече Мицкоски истакнувајќи дека тоа е првата причина за која ќе протестираат.

Најави и дека протестот ќе биде прв во низата протести што ќе следуваат во следниот период.

-И токму поради тоа ќе протестираме. Тоа е причината поради која ќе излеземе со свои барања. И уште нешто, да нема изговор од Владата и мафијата на Заев дека пари во буџетот нема. Пари има, ама тие не одат кај народот. Пари има затоа што потрошија една милијарда евра на поткуп, трошат над осум милиони евра за возила, трошат за колачи и тендери за вафли додека народот живее на вересија. Им пропадна банка од 200 милиони евра и око не им трепнува. Обезбедуваат повластена тарифа за универзалниот снабдувач на струја и екстра тендери на струмичка агеција за обезбедување за што се сомневаме дека испумпуваат пари додека сто илјади граѓани живеат со помалку од 50 денари дневно. Ете затоа протестираме, а пари има и цената на струјата мора да се врати по старо, рече Мицкоски.

Им порача, како што рече, на сите незадоволни политички партии, интелектуалци, синдикати здруженија, еснафи и поединци оти е време за обединување и надминување на разликите против оваа власт која продолжува да се богати врз грбот на народот.

-И точно е имаме разлики, различни гледишта можеби и различни концепти. Ама и во Тетово, Битола, Штип или Скопје народот го обединува сиромаштија против која мораме заеднички да се бориме. И мораме да се спротиставиме на оваа мафија со активен отпор и на улица, на протести и да протестираме за секоја тема која ги мачи граѓаните. И ова е отворен повик да се обединиме за да ја зачуваме државата и да ги заштитиме граѓаните. Не смееме да дозволиме богата влада а сиромашен народ. Мора да се избориме за систем, вредности и иднина. И како што реков, мафија не се руши со една битка, туку со многу битки и труд, а ова е почетокот на нивниот крај, истакна Мицкоски на прес-конференцијата.

Back to top button
Close