ВМРО-ДПМНЕ: Околу 400 анализи за неисправна вода во време на СДС – МЗ знаело, но Филипче како министер молчел
„Филипче и СДС со години ги криеле анализите за загадена вода, граѓаните не знаеле дека пијат небезбедна вода. Со години граѓаните биле изложени на ризик, додека Венко Филипче како министер за здравство и СДС располагале со информации за стотици случаи на неисправна вода за пиење, а јавноста не била информирана“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат „Приближно 400 испитувања на вода за пиење во кои биле утврдени различни неправилности, а институциите не презеле соодветни мерки ниту навреме ги предупредиле граѓаните да не ја користат водата. Тоа отвора сериозни прашања за институционалната одговорност и за начинот на кој било заштитувано јавното здравје. Венко Филипче се обидува да зборува за заштита на здравјето на граѓаните, додека тој знаел за овие анализи, а молчел и криел од јавноста. Документите и фактите покажуваат дека токму во периодот кога Филипче беше министер, Министерството за здравство располагало со извештаи за небезбедна вода, а јавноста останала без информација“.
„Документите покажуваат конкретни случаи: На ден 12.08.2021 година, чешма во здравствен дом во М. Каменица не била исправна. На 27 јули 2021 година е констатирана неисправна вода на чешма пред училиште во село Гумалево, Општина Зелениково. На 29 јуни 2021 година, по земена мостра од локален водовод во Дебарца, е утврдено отсуство на резидуален хлор, поради што водата била небезбедна за пиење. На 11 мај 2021 година, во Требеништа, Општина Дебарца, е утврдена микробиолошка контаминација и присуство на бактеријата Ешерихија Коли. На 6 јули 2021 година, во одморалиштето Пониква кај Кочани, анализите покажале дека водата не ги исполнува законските стандарди поради зголемен број бактерии и присуство на Ешерихија Коли. Сето ова додека Филипче е министер за здравство и до него биле праќани овие извештаи“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата прашуваат „Ако овие информации биле познати на Министерството за здравство, зошто граѓаните не биле известени? Зошто Филипче како министер и СДС тогаш молчеле и не го решиле овој проблем? Зошто не биле преземени мерки за отстранување на ризикот? И зошто денес оние што молчеле се обидуваат да држат лекции за јавно здравје? Дали Венко Филипче како министер и доктор ја прекршил и Хипократовата заклетва и дозволил граѓаните да консумираат вода која претставувала ризик за здравјето на тие кои ја консумираат?“.






