ВМРО-ДПМНЕ: Паниката и стравот од пораз ги обедини СДС и Левица против Изборниот законик

СДС и Левица уште еднаш покажаа дека кога треба да избираат меѓу државниот и партискиот интерес, секогаш го избираат партискиот. Паниката и стравот од пораз ги обедини СДС и Левица против Изборниот законик, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Со месеци учествуваа во изработката на Изборниот законик, даваа предлози, а ВМРО-ДПМНЕ ги прифати речиси сите нивни забелешки. Единственото барање на кое инсистиравме беше македонската дијаспора да добие можност да гласа по електронски пат на претседателските избори. Тоа прво го прифатија, а сега токму поради тоа го блокираат Законот.

 

Очигледно е дека на СДС и Левица им пречат реформите, напредокот и секој успех на Македонија.

 

СДС и Левица треба да знаат дека овој Изборен законик не е партиски документ. Тој е дел од Реформската агенда, усогласуван со препораките на ОБСЕ и ОДИХР и е важен чекор кон исполнување на обврските што државата ги има преземено.

 

Затоа е неразбирливо зошто СДС и Левица денес го блокираат токму она што вчера го договараа. Единствениот логичен одговор е дека политичката пресметка им стана поважна од интересите на државата.

 

Ги повикуваме да престанат со политичките игри, да ги повлечат амандманите кои служат само за опструкција и заеднички да го донесеме Изборниот законик во интерес на граѓаните и на европската иднина на Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи државата да биде заложник на политички калкулации. Ќе продолжиме да работиме одговорно, да ги спроведуваме реформите и да ги штитиме интересите на сите граѓани, вклучително и на македонската дијаспора, која заслужува еднакво и современо право на глас.

Back to top button
Close