ВМРО-ДПМНЕ петти ден на протести ги бараат деталите од преговорите со Бугарија

 

Од владејачката СДСМ пак, реагираат на протестите и велат дека со ваква деструктивност ВМРО-ДПМНЕ е таа што наштетува на македонските национални интереси

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ петти ден по ред блокира крстосници и бара од Владата да ги објави детали околу преговорите со Бугарија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска рече дека јавноста е збунета, бидејќи не се знае што точно преговарале премиерот Зоран Заев и специјалниот преговарач за Бугарија, Владо Бучковски. Според Мицкоски, информациите кои ги добиле од дипломатски избори од Брисел, но и од официјална Софија, се преговарало за сето она за кое што се тврди дека не се преговара, а тоа се идентитетот, културата, посебноста, јазикот.

„И многу е важно јавноста да ја знае вистината, бидејќи некако во јавноста се одомаќини зборот нов договор со Бугарија, односно со Софија. Јас не знам навистина до кога е потребно Зоран Заев да потпишува капитулантски договори на штета на македонскиот народ, на штета на македонскиот идентитет, но едно е јасно дека ниту тоа што до сега го работеше, ниту тоа што во иднина ќе го работи, а колку е пократка таа иднина толку ќе биде подобро за македонскиот народ и македонската држава. Нема да донесе подобри денови, нема да донесе европреспектива, нема да донесе подобар стандард, ниту повисока плата“,рече Мицкоски од денешните протести.

Од владејачката партија СДСМ пак, велат дека опозицијата и нивната деструктивност се најголеми штетници на македонските национални интереси.

„Додека Северна Македонија за првпат учествуваше на Самит на НАТО како рамноправна и полноправна земја членка, додека преку сите канали се прават дипломатски напори за деблокада на евроинтегративниот процес, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да дејствува на штета на националните интереси. Исплашени од нов успех на државата, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ шират лажни вести, кочат и блокираат се што е во интерес на иднината на државата и граѓаните. Фрустрирани од напредокот, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ шират невистини за наводно загрозување на идентитетот со што отворено работат против најважните национални и државни интереси“,реагираат од СДСМ.

Back to top button
Close