ВМРО-ДПМНЕ поднесе тужби до Управниот суд за начинот на верификација на мандатите на дополнителните осум пратеници
– ВМРО-ДПМНЕ поднесе тужби во Управниот суд во однос на начинот на кој што се изврши изборот односно верификација на мандатите на останатите односно на дополнителните осум пратеници во Собранието на Република Македонија, информира Игор Јанушев, генерален секретар на партијата.
Тој денеска изјави дека и покрај реакциите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието во која укажале дека, како што рече, е тотално погрешен, нелигитимен и пред се нелегален начинот на тоа на кој што владејачкото мнозинство го направило.
-Преку предлог на Комисијата за верификациони работи која што впрочем е создадена, е формирана и функционира само за првата конститутивна седница. Иако во Деловникот за работа на Собранието по членот 17 јасно и прецизно, недвосмислено е пропишано дека единствено може по предлог на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања да се одвива начинот на кој што се избираат односно се верификуваат дополнително оние луѓе кои што станале пратеници. Сепак владејачкото мнозинство како и многупати во минатото со една дивоградба впрочем и она што го направија во првите денови по формирањето на Владата е еден типичен пример за ова владејачко мнозинство и оваа Влада, истакна Јанушев.
Тој напомена дека и на почетокот на седницата за избор на Влада укажале дека, како што потенцира, тие осум луѓе не се верификувани и не станале пратеници на начин на кој што е пропишано со Деловникот, што дава еден огромен нелигитимитет и нелегалност на изборот на целата Влада.
-Очекувам од Управниот суд што е можно побрзо да ги разгледа тужбите кои што денеска ги доставивме и да одлучи врз основа на словото на Законот, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој одговарајќи на новинарско прашање рече дека немаат никаква информација дали воопшто одлуките за прогласување на вонредната состојба се доставени до Собранието.
-Апелираме, не само одлуките за вонредната состојба, туку и сите уредби кои што оваа Влада ги донесе со законска сила во целиот односно предизборен период што е можно побрзо да се најдат на дневен ред за разгледување од страна на пратениците во Собранието на Република Македонија, рече Јанушев. сст/