ВМРО-ДПМНЕ: Прославата за Рамковниот договор не придонесува за подобар живот ниту на Албанците ниту на Македонците

Денеска навршуваат 21 година од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, а пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање во врска со трошоците за прославата на овој договор, рече дека тоа е приватна забава на ДУИ и не придонесува за подобар живот ниту на Албанците ниту на Македонците.

„Рамковниот договор овозможи мир, но она што не можеше да го предвиди Рамковниот договор е криминалот на ДУИ кој се случи потоа. 20 години една иста политичка елита го краде сопствениот народ. Денес гледаме дека Албанците подеднакво живеат несреќно како и Македонците“рече Лефков во врска со прославата и трошоците за Рамковен договор.

Тој рече дека Македонија има Рамковен договор, ама нема европска иднина, Тетово нема вода за пиење, а Арачиново канализација. Рече дека младите Албанци и Македонци се иселуваат и според тоа нема простор за славење туку за одговорност.

Кога станува збор за прославата, Лефков посочи дека тоа е приватна на ДУИ и не ја чувствуваат како своја ниту Албанците ниту Македонците.

„Тоа е прослава на ДУИ во пресрет на изборите во Тетово. И никако приватните журки на Груби нема да донесат подобар живот. Оваа прослава, каде што ќе бидат потрошени стотици илјади евра, ќе ја организира фирма која е милионски донатор на ДУИ изминативе години, фирма се занимава се од печатење на свидетелства кои воедно се уште ги нема, печатење на книги, се до гледаме до организатор на партиски забави како оваа. Партиските забави на ДУИ и Груби нема да придонесат за подобар живот“нагласи Лефков.

Денешната прослава на плоштадот „Скедербег“ по повод годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор го организира Министерството за политички систем и односи со заедниците со кое раководи Артан Груби, кадар на ДУИ.

Според документите од Бирото за јавни набавки, Министерството за политички систем потпишало два договора со „Арбериа дизајн“ за услуги поврзани со 21-годишнината од Охридскиот договор, за кои тетовската компанија има на располагање околу сто илјади евра од државниот буџет.

Back to top button
Close