ВМРО ДПМНЕ против законот судиите и обвинителите да останат на работа до 67 години

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара да се повлечат измените и дополнувањата на Заонот за работни односи поднесени од група пратеници од мнозинството, а кои се однесуваат на продолжување на работниот однос на судиите и јавните обвинители по возрасната граница за пензионирање.

Пратеникот Дајанчо Ефтимов на денешната прес-конференција рече дека овие измени кои денеска се пред Комисијата за труд и социјална политика, за пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се крајно проблематични и дискриминаторски.

 

„Со измените се предвидува на судиите и јавните обвинители да им се овозможи работниот однос, односно мандатот да може да се продолжи од страна на Судскиот совети и Советот на јавни обвинители и после 64 години за мажи и 62 години за жени, до наполнување на 67 години возраст на судијата или јавниот обвинител. Со овие измени се отвора можност за класификација на судиите и јавните обвинители на подобни и неподобни, послушни и непослушни како и можност за уште поголема и подлабока партизација на судството“,

 

рече тој.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметат дека сите овие измени за судиите и јавните обвинители во овој закон, СДСМ се обидува да ги протне во сенка на измените кои се однесуваат на недела неработен ден кои се дел од истиов предлог закон и каде се направени измени на кои како што велат како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ посочувале уште кога се носеше законот.

 

„Овие позадински игри на СДСМ и ДУИ не се првпат и во овој случај кога функционира активната блокада од ВМРО-ДПМНЕ, измените кои се однесуваат за судиите и јавните обвинители се обидуваат да ги протнат преку измените за недела неработен ден. Ние најавивме дека сите законски решенија кои што се штетни за граѓаните и државата ќе бидат блокирани од наша страна. Таков е случајот и со овој закон. Бараме, измените кои се однесуваат за судиите и јавните обвинители да бидат тргнати од овој предлог закон, со што ние како пратеничка група ќе дадеме придонес за измените кои се однесуваат за недела неработен ден -рече Ефтимов.

Back to top button
Close