ВМРО-ДПМНЕ реагира на тврдењата на СДСМ дека се договорени кампови за мигранти
СДСM не престанува со лаги, реагира владејачката ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на опозицискиот СДСМ дека премиерот Христојан Мицкоски при престојот во Лондон се согласил во Македонија да се изградат кампови за мигранти.
Лага и на денешната прес-конференција. И после едвај 120.000 гласови добиени додека е на пат на пасокизација, да ја доживее судбината на левата грчка партија која се распадна, СДСМ продолжува со истите глупости и измислици. Граѓаните ви кажаа што мислат за ваквите ваши глупости. Со лаги како оваа не се добива доверба кај граѓаните“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Прочитани сте, се додава во реакцијата.
Реформирајте се, ставете прст на чело, погледнете се во огледало и престанете да правите штета на државата и како опозиција со истите и повторно истите бесмислености“, предупредува ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ денеска на прес-конференција истакна дека македонската влада избегнува да даде одговори на клучните прашања „кои го потресуваат регионот“, а тоа е дали и што е договорено во однос на прифаќањето на мигранти и отворањето на мигрантски кампови во Македонија.
– Според информациите кои ги имаме од Британија, но и оние кои јавно ги објавија реномираните британски медиуми, фокусот на средбите на британската влада било токму ова прашање, но од нашата влада нема ниедна точна информација. Ова е јасен знак дека повторно на оваа тема нешто се крие. Мицкоски одбил да разговара на оваа тема со реномираниот медиум „Тајмс“ и вчера дал само штур одговор за македонската национална телевизија – рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според информациите од Лондон, додаде таа, Велика Британија нуди стратешки инвестиции за земјите од регионот, но тоа доаѓа со разговори и понуди за отворање на кампови за мигранти.
– Бидејќи нашата влада веќе речиси цела година договара ваков тип на заеми и инвестиции, најави кредит од 7 милијарди евра од Британија, Мицкоски веќе не може да се крие и мора јасно да одговори: Што точно се разговара на темата мигранти и кампови за мигранти?Дали е точно дека со договорот за заем има и друг договор за мигрантите кој владата не го соопштува? Зошто Мицкоски, кој единствено нешто што прави е ПР, одбил важно интервју за „Тајмс“? Ова го потврди самиот медиум. Зошто, ако нема што да крие, тој избегал? Дали се чека да поминат изборите. па да се соопшти оваа вест? За потсетување, Мицкоски досега тврдеше дека нема никаков договор за таква работа, но информациите говорат поинаку. Граѓаните имаат право да знаат што точно се разговара. Ова не е прашање за кое Мицкоски не може сам да носи одлуки без да ја информира јавноста – рече Кузеска.