ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Филипче да одговорат дали Заев му нудел продажба на македонска телевизија на поранешен бугарски премиер
ВМРО-ДПМНЕ побара одговори дали поранешниот премиер Зоран Заев на експремиерот на Бугарија му понудил уесбе со прислушувани материјали и шема за купување две македонски фирми, од кои едната била македонска телевизија.
Партијата истакнува дека иако СДСМ го менува лидерот, „навиките не“ и дека „прислушуваните материјали и купопродажбата на имоти, како и на државните интереси, продолжуваат да му бидат навика и на Венко Филипче, како на неговиот претходник и ментор Зоран Заев“.
ВМРО-ДПМНЕ го прашува Венко Филипче што содржело уесбето со прислушкувани материјали, кое, како што велат, неговиот ментор Зоран Заев го дал на поранешен премиер на Бугарија, која сега ги злоупотребува механизмите на членка во ЕУ за да ја блокира државата.
„Освен за стикот, СДС и Филипче, исто така, треба да кажат дали и зошто Зоран Заев понудил шема за купување на две големи фирми во Македонија од страна на фирми од Бугарија блиски до тој поранешен премиер и дали една од тие фирми е една голема телевизија, преку која требало да се врши бугарска пропаганда во државата?“прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, СДСМ и Филипче треба да одговорат и „дали ова е подарокот кој Заев го дал во замена за логистичка и финансиска поддршка од Бугарија за партијата и дали зад кампањата на СДС стои тој поранешен бугарски премиер со кој Заев е во контакт?“.
„Овој нивни план е откриен, Филипче и неговиот ментор и гуру се фатени на дело“,се додава во соопштението.
Овие обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ следуваат откако изминатите денови излезе со тврдења дека поранешниот претседател на СДСМ и експремиер, Зоран Заев, добил „куферчиња пари од поранешен премиер на Бугарија“.
Премиерот Христијан Мицкоски, во саботата во дел од своите обраќања на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на кампањата за локалните избори, говорејќи за резолуцијата со црвените линии што ја предложи актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, рече дека се сеќава на времето кога „поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДС директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица“.
Потоа поранешниот претседател на СДСМ и експремиер, Зоран Заев, во ретка објава на социјалните мрежи остро и категорично ги негираше тврдењата на актуелниот премиер Христијан Мицкоски за наводните „куферчиња пари од поранешен премиер на Бугарија“, оценувајќи ги како лаги и клевети.